Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

На денешен ден во Милано во 1924 година е убиен македонскиот револуционер, охриѓанецот Петар Чаулев

Охрид, 23. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 1924 година, во Милано, од страна на врховистите, бил убиен македонскиот револуционер Петар Чаулев.

Тој бил еден од потписниците на Мајскиот манифест на ЦК на ВМРО потпишан на 6 мај 1924 година, во кој е прокламирана борбата за ослободување и обединување на сите делови на Македонија во независна политичка единица во рамките на една балканска федерација.

Петар Чаулев е роден во Охрид, на 18 декември 1881 година, а бил убиен во Милано, на 23 декември 1924 година. Тој бил македонски револуционер, учесник во Илинденското востание.

Се школувал во Охрид и во Битола и на 17 години, како ученик на битолската гимназија „Св. Кирил и Методиј“, положил заклетва и се вклучил во македонското ослободително движење. По краткото учителствување во охридските села, од 1899 година се јавува како организатор на револуционерните комитети во Охридско, Преспанско и Леринско и како војвода во Охридско за време на Илинденското востание.

Во Илинденското востание бил војвода и раководител на Охридскиот револуционерен комитет. Учествувал во Балканските војни, во Тиквешкото и во Охридско-дебарското востание. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука