Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Џафери: Нецелисходно е да има пратенички прашања кога Владата е во оставка

Скопје, 23. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Денеска нема да се одржи закажаната собраниска седница на која пратениците требаше да им поставуваат прашања на членовите на владата на Зоран Заев, кој вчера ја достави до парламентот премиерската оставка.

Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со медиумите денеска најави дека на почетокот на денешната седница ќе биде констатирана оставката на Заев, но, како што рече, нецелисходно е да продолжи седницата за пратенички прашања, со оглед на тоа што Владата е во оставка.

Џафери рече дека ова влада останува на должност до изборот на новата влада, ама само на техничко ниво. Претседателот на парламентот рече дека во вакуумот до избор на нова влада нема да има нови седници, затоа што владата во оставка не би требало да предлага закони.

Нема достапен опис

Тој рече дека од денеска, откако ќе биде констатирана оставката, почнуваат да течат роковите за дејствијата што треба да се преземат за избор на нова влада.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, вчера изјави дека е крајно невообичаено на седница за пратенички прашања да се констатира оставка и да им се оневозможи на пратениците да им поставуваат прашања на министрите.

Коментирајќи ја оставката што премиерот Зоран Заев ја поднесе попладнево во парламентот, Силјановска посочи дека, според Уставот, владата во оставка останува на должноста до избор на новата владата.

Таа нагласи дека во Уставот постои термин „влада во оставка“, која, како што рече, сѐ уште одговара пред парламентот. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука