Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

ГФК Охрид Лихнидос формираше екипи во сите 4 младински категории

Охрид, 24. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – ГФК Охрид Лихнидос после долги години, годинава, за прв пат формираше екипи во сите 4 младински категории и притоа учествуваше во второто по ранг натпреварување во младински категории.

– Целта на клубот беше креирање на услови за младите од нашиот град да можат да го продолжат своето фудбалско усовршување како и своевиден влог во иднината на нашиот клуб. Одзивот од страна на децата беше одличен и во овој момент младинските категории на Охрид бројат повеќе од 100 регистрирани фудбалери. Ангажирани се и тренери за секоја категорија со цел посветување на поголемо внимание при правилниот развој на младите фудбалери, а се со цел креирање на оформени фудбалери кои понатака ќе го носат дресот на првиот тим на ФК Охрид. Ангажирани тренери по категории: Љупчо Танески – младинци, Ацо Велјаноски – кадети, Марјан Настоски-пионери и Наум Јанкулоски – помлади пионери. Нашите надежи многу успешно го поминаа првиот дел од годинашната сезона притоа остварувајќи завидни резултати во сите 4 категории со што во вкупен пласман го зазедоја првото место, потенцираат од клубот.

Додаваат дека целта е продолжување на успешните настапи и во вториот дел од сезоната и пласман во највисокиот ранг на натпреварување во младински категории – Супер лига.

– Сакаме да упатиме честитка најпрво до нашите млади надежи за сериозноста и залагањето како и остварените резултати во нашиот прв настап после долги години во ова натпреварување, како и до тренерите за нивната посветеност и пожртвуваност во овозможување на гореспоменатите резултати и им посакуваме уште поуспешна втора полусезона и пласман во супер лигата, информираат од ГФК Охрид Лихнидос. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ГФК Охрид Лихнидос

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука