ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Тим студенти од ФТУ Охрид со забележителен успех на XVIII Меѓународен гастрономски натпревар во Истанбул, Турција

Охрид, 26. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Тимот студенти на насоката Гастрономија од Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) Охрид забележа огромен успех и достојно ја претстави Република Македонија на XVIII Меѓународен гастрономски натпревар во Истанбул, Република Турција.

Студентите Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски се закитија со две златни, една сребрена и три бронзени медали во индивидуална категорија.

– На последниот натпреварувачки ден, на 25-ти декември, тројцата студенти од ФТУ Охрид ја освоија највисоката награда во категоријата „мистериозна кутија“ (Black Box), имајќи само 30 минути време да подготват врвен специјалитет со непознати намирници. Организаторот на фестивалот ги одликува македонските натпреварувачи со златни медали и им ја врачи Гран При наградата „Златно Тавче“. Селектор на екипата беше доц. д-р Климент Наумов, кој од неодамна е назначен за раководител на студиската насока Гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Во изминатиот период тимот трудољубиво работеше и вежбаше во факултетскиот кабинет по готварство под менторство на професорот Наумов, а во координација со м-р Момчило Цониќ од Лесковац, Србија, експерт од областа на готварството и докторанд на охридскиот факултет. Сите тројца студенти учествуваа во категоријата сениори и силна конкуренција од преку 700 натпреварувачи, информираат од ФТУ.

Додаваат дека во средата, на 22-ри декември Христијан Јорданоски освои златен медал, Стефан Аврамоски бронзен, а Роберт Тодорчев се закити со бронзен медал и тоа во категоријата специјалитети од пилешко месо.

– На 23-ти декември Христијан Јорданоски освои златен медал, Роберт Тодорчев освои сребрен медал, а Стефан Аврамоски бронзен медал во категоријата паста. Вчера, на последниот ден од фестивалот, македонската екипа од Факултетот за туризам и угостителство – Охрид ја освои Гран при наградата во категоријата „мистериозна кутија“, потенцираат од ФТУ Охрид.

Mеѓународниот гастрономски фестивал Истанбул, кој по 18-ти пат го организира Федерацијата на готвачи и шефови на кујни на Турција (COCFED), се одржа во Евроазискиот Саемски Центар (Avrasya Fuar Merkezi). Настанот беше во заедничка организација со Светската асоцијација на здруженија на готвачи (WACS). На овогодишниот фестивал учествуваа повеќе од 3.500 натпреварувачи од целиот свет. Овие достигнувања на нашите студенти претставуваат огромен успех во промоцијата на македонската гастрономија во светски рамки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука