Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Во вторник, на 4-ти јануари црвен тепих на хуманоста пред Бадниковата пештера во Охрид

Охрид, 27. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Големата Бадникова пештера, која наликува на онаа во Витлеем каде што е роден спасителот Исус Христос, и годинава ќе го краси Градскиот плоштад во Охрид.

Како и лани, поради состојбата со Covid-19  пандемијата повторно ќе изостане Бадниковата поворка, на која најмногу се радуваа децата, во насока на воспоставување традиција на православно празнување на Бадник, со пеење на православни црковни песни. Но, сепак активност ќе има во насока на сплотување со духот, мислите и верата. Годинава замислата е да има црвен тепих на хуманоста послан пред пештерата во вторник, на 4-ти јануари 2022 година, во периодот од 10:00 до 16:00 часот, каде ќе може да се донира храна и средства за хигиена за социјално ранливите категории граѓани, вели за Супер радио и OhridPress Летка Филипова, главен координатор на настанот.

– Пештерата како задолжително обележје ќе биде поставена в петок. Согласно состојбата, групирање нема да има. Бадниковата поворка предизвикуваше голема радост кај децата па и кај возрасните, но сепак на некој начин ќе се продолжи традицијата, па да се надеваме дека за следната година состојбата ќе се нормализира. Замислено е да биде поставен црвен тепих на хуманоста пред пештерата, каде секој ќе биде добредојден да ја покаже својата хуманост и да дарува храна што не е лесно расиплива и хигиенски средства. Од тоа ќе бидат направени пакети што пред Божик ќе бидат поделени на социјално загрозените семејства, потенцира Филипова.

Бадниковата пештера е подарок за градот од Бигорскиот манастир, а е дело на вредните монахињи од манастирот „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица. Широка е 2,5 метри и висока 3 метри. Направена е од различни природни материјали, уникатно украсена и збогатена со иконата на Рождеството Христово и кандилце. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука