Здравје Избор Охрид Ретки болести 2021 ТОП ВЕСТИ

ЈЗУ Општа Болница донира специјализирана инвалидска количка на лице со Амиотрофична латерална склероза (АЛС)

Охрид, 31. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од ЈЗУ Општа Болница – Охрид информираат дека дава на користење донација од висококвалитетна специјализирана електромоторна инвалидска количка, која по желба на донаторот треба да биде подарена на лице со Амиотрофична латерална склероза (АЛС).

– Амиотрофична латерална склероза (АЛС, понекогаш наречена болест на Лу Гериг, болест на моторните неврони) е прогресивна и подмолна болест. Станува збор за невролошко заболување кое се карактеризира со прогресивна дегенерација на моторните неврони – клетки во ‘рбетниот мозок и мозокот, што доведува до парализа. АЛС последователно доведува до мускулна атрофија и мозокот целосно ја губи способноста да ги контролира мускулите. Еден од симптомите се грчеви во мускулите. За разлика од Алцхајмеровата болест, оваа болест не секогаш го оштетува мозокот на пациентот. Дури и еден од генијалните умови на физиката, Стивен Хокинг, развил АЛС и бил ограничен во инвалидска количка, но продолжил да работи. Со оглед на тоа дека оваа болест е ретка, искрено се надеваме дека најдобро би било да нема ниту една болна личност за да ја искористи, но за жал доколку има некој со такво или слично заболување Ве молиме да не информирате преку приватна порака на Facebook профилот на ЈЗУ Општа Болница Охрид. Доколку се јават повеќе баратели, стручна лекарска екипа и социјален работник ќе одредат на кого му е најмногу потребна, потенцираат од болницата.

Ги запознаваме ретките болести: Амиотрофична латерална склероза

Амиотрофичната латерална склероза (АЛС) е болест од непозната етиологија и е едно од најчестите заболувања на моторните неврони кај возрасните. Спаѓа во групата на ретките болести и беше дел од ваквите болести со кои се запознававме во третото издание на кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2021“, која ја реализираат активистот Гордана Лолеска, охридското Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“.

Повеќе за болеста ОВДЕ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука