ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Сите патишта денеска водат во Св. Наум

Охрид, 5. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Празничниот ден посветен на Великиот светец и убавото сончево време со невообичаено високи температури за овој период од годината, направија денеска сите патишта да водат до прекрасниот манастирски комплекс Св. Наум.

Бројни посетители од Охрид, околината, но и целата држава запалија свеќи и се помолија за здравје.

Свети Наум Охридски Чудотворец, за кого има голем број легенди и преданија во народот од овој регион,  бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта.

По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Велики Преслав, а оттука во Охрид, каде му се приклучил на Св. Климент во работата на Охридската книжевна школа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука