ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Се’ е  подготвено за Вевчанскиот карневал, забава за гостите со домашни изведувачи

Вевчани, 7. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со отворање на Мултикултурниот центар „Коста Србаноски“, во среда, на 12-ти јануари започнува Вевчанскиот карневал, информира градоначалникот Спасе Кочовски.

Истата вечер ќе настапи охридскиот DJ Face и Жаре бербер. Следниот ден, на 13-ти јануари, настап ќе има и локалниот уметник Перо Бели.

– Годинава решивме на Вевчанскиот карневал да настапат македонски изведувачи, со што ќе ги поддржиме нашите уметници, истакна Кочовски.

Дел од програмата, според Кочовски е и изложбата со фотографии и уметнички слики од повеќе македонски автори во Мултикултурниот центар.

Со настап на Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски и спектакуларен огномет, во рамките на манифестацијата, вевчанци на 13-ти јануари, ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.

Иако Свети Василиј, годинава е во работен ден очекуваме голема посетеност, како на карневалското дефиле, така и на забавниот дел од манифестацијата.

– Ќе понудиме добра забава, што ќе ја надополни туристичката понуда на Вевчани. Апелирам до вевчанци и гостите да ги почитуваат препораките за заштита од Covid-19, да држат соодветно растојание и да носат заштитни маски, истaкна Кочовски.

Според традицијата, Вевчанскиот карневал почнува на 13-ти јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва Горна и Долна маала. Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14-ти јануари. (Крај)

извор: Република фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука