Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Стапија на сила измените на Законот за работни односи, дуќаните во охридската чаршија во најголем дел затворени

Охрид, 9. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Стапија на сила измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден.

Охридската чаршија денеска, и покрај тоа што беше солидно исполнета со посетители, во најголемиот дел беше затворена. Дуќаните не работат, а затворени се и големите маркети. Работат во најголем дел угостителските објекти, како и помали објекти за продажба на храна во ТЦ „Амам“ во центарот на градот.

Според најавите, овие правила ќе важат за околу 92 проценти од работниците, а за останатите, кои ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден за работниците, кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат. Како дејности што мора да работат за нормално функционирање на општеството, во Законот за работни односи се наведени одгледување животни, мешовито фармерство, вадење јаглен и лигнит, вадење руди на метал, печатење и издавање весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, како и копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт. Во овие дејности спаѓаат и складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет-портали и сл.), прикажување филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.

Како суштествени се наведени и општите дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување седници, инспекциски надзори, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности што имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став, како и работни места од други дејности што не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот. Со измените и дополнувањата на Законот за трговија, кој регулира дел од прашањата за работа на денот на неделен одмор, се регулира и работата на дел од трговските субјекти кои ќе можат да работат во недела. Во согласност со Законот, трговијата на мало може да се врши во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, како и во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун.

Законот предвидува и да можат да работат продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2, штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и зелените пазари. Во согласност со Законот, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки. Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.

Откако неодамна беше усвоен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со што недела со почетокот на новата година станува неработен ден, со реакција се јавија сопствениците на продавници и дуќани во охридската чаршија обединети во Здружението „Чаршиски еснаф“. Тие отворено негодуваа на усвоениот Закон и сметаат дека таквата одлука катастрофално ќе се одрази врз нивното работење, негативно за локалната економија, но и за градот како најпознат туристички центар во државата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука