Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Мандатарот Ковачевски треба да го поднесе предлогот за нова влада до Собранието

Скопје, 11. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Мандатарот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски денеска до Собранието треба да ги поднесе новиот состав на Владата, како и владината програма, откако по синоќешните седници на Извршниот и Централниот одбор на СДСМ ги објави имињата на членовите на владиниот кабинет.

За вицепремеир за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси е предложена Славица Грковска, поранешна пратеничка на СДСМ, за вицепремир задолжен за економски прашања коориднација на еконсмките ресори и инвестиции – актуелниот Фатмир Битиќи, за вицепремир за европски прашања е предложен Бојан Маричиќ, досегашен министер за правда.

За министер за одбрана е предложена Славјанка Петровска, пратеничка во СДСМ, поранешен заменик министер за внатрешни работи во техничката влада, за министер за внатрешни работи – актуелниот Оливер Сапсовски, за министер за правда проф. д-р Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје, за министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој и порано раководеше со овој ресор.

За министер за труд и социјална политика – Јована Тренчевска – директорка на Државниот инспекторат за труд, за министер за култура Бисера Костадинова-Стојчевска, актуелна пратеничка на СДСМ и претходно порофесор на Педагошкиот факултет при Универзитетот во Битола. За министер за транспорт и врски е предложен актуелниот Благој Бочварски. Од сите нив Ковачевски, очекува максимално посветена работа во интерес на граѓаните и остварување на ветеното.

– Новата влада ќе биде високо продуктивна во работењето, посветена на економските предизвици, како и на зајакнување на животниот стандард на граѓаните. Поставуваме навистина високи цели, но сигурен сум дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, порача Ковачевски.

Како што нагласи, Владата предводена од СДСМ ќе остане посветена на стратешките цели, евроатлантските интеграции и полноправно членство во ЕУ.

-Нашата цел да составиме стабилна Влада, со јасни принципи на делување во интерес на граѓаните и државата е исполнета. Задоволен сум како течеше целиот процес, во позитивна и конструктивна атмосфера, посветени на одговорноста за подобра иднина на сите наши граѓани, рече Ковачевски, најавувајќи дека примарен фокус во следните месеци ќе биде ставен на силен одговор на глобалната енергетска криза која се надоврза на веќе тешката економска состојба предизвикана од Ковид-пандемијата.

Веќе има подготвен план, се подготвуваат сет мерки за директна поддршка за граѓаните и стопанството, кои ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните, но и помош за компаниите.Во Буџетот се резервирани 130 милиони евра, а се прават анализи за алокација или обезбедување повеќе средства. Со посветена работа и вистински економски политики очекува континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Најави драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании. Фокусот ќе биде и на намалување на невработеноста, која до крајот на мандатот, како што рече, се планира првпат да биде едноцифрена. Ќе се продолжи и со зголемувањето на платите и пензиите. Согласно анализите, просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте.

Ковачевски најави и градежна експанзија во инфраструктурата. За две и пол години финиширање на најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта. Целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава и поставување на условите за почеток на користење за домаќинствата, како и нови инвестиции во еколошки и обновливи извори на енергија. (Крај)

извор: Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука