Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Дефиле на маските на Вевчанскиот карневал

Вевчани, 13. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве сите патишта водат во Вевчани, каде вчера започна годинешното издание на Вевчанскиот карневал.

Настаните започнаа вчера, со отворање на Мултикултурниот центар „Коста Србаноски“ и изложба на фотографии и уметнички слики од повеќе македонски автори. За разлика од лани, годинава ќе има и музичка програма за што се задолжени македонски изведувачи.

Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва Горна и Долна маала, што ќе се одржи денеска. Вечерта ќе настапат локалниот уметник Перо Бели, а со настап на Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски и спектакуларен огномет, во рамките на манифестацијата, вевчанци ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.

Маските се подготвуваат подолг период наназад, инспирирани од случувањата во јавниот живот во земјата и светот. Сепак, традицијата налага тие да се чуваат во тајност, а ќе бидат откриени токму денес, на дефилето на маските. Василичарите го чекаат денешниот ден, 13-ти јануари за официјален старт на карневалот стар со милениуми.

Вевчанскиот карневал завршува утре, на 14-ти јануари со традиционалното палење на маските.

Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Учесници се околу 1.500 василичари. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука