Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Со почитување на Covid-19 мерките ќе се одбележи празникот Богојавление – Водици во Охрид

Охрид, 13. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со почитување и запазување на мерките за заштита од Covid-19, ќе се одржи годинешната манифестација посветена на големиот верски празник Богојавление – Водици, информираат од Општина Охрид.

На денешниот координативен состанок, на кој присуствуваа градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, претседателот на Советот Сашо Донев, претставници од Македонската Православна Црква, од охридските јавни претпријатија, од нуркачките клубови „Амфора“ и „Охрид“, од Капетанија на пристаништа, од Министерството за Внатрешни работи и од Црвен Крст беше заклучено дека централното случување по традиција ќе биде на 19-ти јануари 2022 година. Точно во 10:00 часот, од Светилникот на пристаниште Дебарско-Кичевскиот митрополит г. г Тимотеј ќе го положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро.

Богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 07:00 часот наутро, а литиите од трите цркви „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги“ од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот „Св. Климент Охридски“ неколку минути пред 10:00 часот и ќе се упатат на пристаништето.

По положување на крстот и осветување на езерската вода , точно напладне кај месноста „Сараиште“ ќе се одржи свето крштевање на сите луѓе кои сакаат да се крстат. Точно напладне на Градскиот плоштад, концерт ќе одржи групата „Љубојна“, а од 09:00 до 15:00 часот во близина на охридската капетанија ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Поради Covid-19 пандемијата, годинава нема да се служи традиционалната рибја чорба, а на 20-ти јануари не е предвидено официјално организирање на Денот на рибарите.

По повод празникот охридските нуркачи на 16-ти јануари ќе го чистат дното од Охридското Езеро на просторот каде ќе се спроведе положувањето на Светиот крст, а екипи на ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го украсат централното градско подрачје во знакот на Богојавленските празнувања. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: Општина Охрид

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука