Избор Култура Струга ТОП ВЕСТИ

Кастриот Реџепи, Ѓоковиќ, словенечките пожарникари и многу други годинава на „мета“ на Вевчанци

Вевчани, 13. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Талибанци во акција, инвестиции во струјата, зелена енергија, вакцинални пунктови, пратеникот Кастриот Реџепи, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски…

Ова беа само дел од маските што денеска продефилираа низ вевчанските улици во рамките на Вевчанскиот карневал.

Вевчанци на шеговит начин го прикажаа и копањето биткоини, се пошегуваа со греењето со симболично собирање дрва „да си ги стоплат децата“, потсетија на екс премиерот Никола Груевски со Бадниковото лепче, протестираа за ослободување на тенисерот Новак Ѓоковиќ, како и неговиот настап на „Австралија опен“. Не ја заборавија ниту хуманоста на словенечките пожарникари, кои помогнаа во гаснењето на пожарите во земјава, а неизоставен дел се и традиционалните маски на зетот и невестата, глупавите Августи, ѓаволите, зурлите и тапаните, но и други маски со секојдневни и несекојдневни содржини.

Градоначалникот Спасе Кочовски претходно соопшти дека василичарите не сакаат никого да навредат, ниту да повредат никакви национални или верски чувства, туку само ја прикажуваат годината што измина на сатиричен и хумористичен начин и на нив не треба да се гледа суетно.

– Ова е театар на отворено и секогаш треба да се гледаат работите кои укажуваат дека нешто не треба така да се прави. Ако видите многу грубост, пораката е не бидете груби, ако видите вулгарност, пораката е не бидете вулгарни. Сите оние негативни работи што ќе ги видите тука, можеби изгледаат екстремно прикажани, но не се во навредлива форма, туку прикажуваат онаков каков што можеби не сакате да се видите во текот на годината и сте биле онаков како што ќе се видите преку маските на василичарите, нагласи Кочовски.

Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва Горна и Долна маала, што се одржа денеска. Вечерва ќе настапат локалниот уметник Перо Бели, а со настап на Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски и спектакуларен огномет, во рамките на манифестацијата, вевчанци ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.

Маските се подготвуваат подолг период наназад, инспирирани од случувањата во јавниот живот во земјата и светот. Василичарите го чекаат денешниот ден, 13-ти јануари за официјален старт на карневалот стар со милениуми.

Вевчанскиот карневал завршува утре, на 14-ти јануари со традиционалното палење на маските.

Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2.200 години. Учесници се околу 1.500 василичари. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. (Крај)

извор: vesnik.com/ОхридПрес фото: vesnik.com/ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука