Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ковачевски: Продолжуваме со изградба на автопатот Кичево-Охрид

Скопје, 15. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Поврзувањето исток-запад, со Албанија и Бугарија претставува стратегиска обврска и фокус на владата до 2024 година, истакна претседателот на СДСМ и мандатар на новата влада, Димитар Ковачевски во експозето во Собранието на Република Македонија.

Тој посочи дека продолжува изградбата на автопатот Кичево-Охрид и Скопје-Блаце и дека е во план отпочнување на целосна надградба на автопатот Тетово-Гостивар, како и уште четири автопатски делници.

– Планирана е тековна реконструкција и изградба на локални патишта во должина од преку 1000 километри во 36 општини, нагласи Ковачевски.

Тој во своето експозе, меѓу другото, посочи дека новата влада ќе се посвети на економијата, на платите и пензиите, на поддршка на компаниите, на енергетскиот развој и на зголемување на вработеноста.

– Имаме ретка можност и шанса во период од 2,5 години без изборни потреси, кои секогаш за политичарите најчесто се неоправдано историски, а за граѓаните секогаш оправдано трауматични, и да се посветиме на реалните проблеми и животот на граѓаните, рече Ковачевски.

На крајот на од обраќање, Ковачевски посочи дека не знае, не сака и нема да ги дели луѓето, граѓаните, министрите на „наши“ или „ваши“.

– Граѓаните се уморни и преку глава им е од поделби, препукувања и постојани надмудрувања. Доста им е од дневна политика и борба на партиски соопштенија. Планирам единствено да ги разликувам луѓето на способни и неспособни, на чесни и нечесни, на работливи и неработливи, на одговорни и неодговорни. За првите секогаш ќе има место и ќе имаат поддршка, за вторите во владата и институциите нема и ќе нема место, нагласи Ковачевски. (Крај)

извор: Канал 5 фото: Канал 5

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука