Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Филипче: Горд сум на сработеното, продолжувам да работам во интерес на пациентите и здравствените работници

Скопје, 17. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Заминувам од позицијата министер горд на сработеното знаејќи дека се’ што направивме, секоја одлука која ја донесовме ја носевме исклучиво во интерес на здравјето и заштита на граѓаните, истакна во видео обраќање досегашниот министер за здравство, Венко Филипче.

Потенцира дека во историски најтешкиот период за македонското здравство, поддршката што ја добивале тој и неговите колеги им давало сила да продолжат напред во битката со пандемијата. Додаде дека покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, направени се темелни промени во здравството и реализирани се инвестиции.

– Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време. Дијабетичарите имаат конечно достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото. Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Особено сум горд на вложувањето во здравјето на децата, а со нова апаратура по светски стандарди, вели Филипче.

Пандемијата, покрај што донесе многу неизвесност и тага оставајќи трајни последици и промени во нашите животи, овој период ќе се памети и по првата успешна трансплантација на срце, а потоа изведени се уште пет со што е направен историски чекор во македонската кардиологија.

За првпат направивме и трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител што е уште еден голем дострел на македонското здравство. Горд сум на сите посветени колеги кои почнаа да применуваат нови методи на работа и изведуваат најсовремени операции. Имаме нови методи за лекување на пациенти со мозочно крварење, нов третман на епилепсија и нови неинвазивни методи за лекување на кардиохирургија, истакна Филипче.

Тој изрази благодарност до неговите колеги,здравствените работници за нивната пожртвуваност и посветеност. Вели дека и натаму ќе продолжи да се бори за нивните права и достоинствен третман од страна на државата, а очекува и новата влада да продолжи да ги покачува платите, бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат.

Во новиот владин кабинет на местото на Венко Филипче ќе седне стоматологот Беким Сали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука