ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Финишираат подготовките за одбележување на Богојавление-Водици во Охрид

Охрид, 17. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – При крај се подготовките за достојно одбележување на големиот празник Богојавление-Водици во Охрид.

Вчера членовите на клубот за подводни дејности „Охрид“ го исчистија дното на Охридското Езеро кај пристаништето каде ќе биде положен Светиот крст во езерските води, а екипи на ЈП „Охридски комуналец“ ќе се погрижат за украување на централното градско подрачје во знакот на Богојавленските празнувања.

Централната манифестација е в среда. Богослужбите во охридските парохиски цркви ќе почнат во 07:00 часот, а литиите од „Св. Никола- Геракомија“, „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ и „Св. Георги од Горна Влашка Мала ќе се сретнат на плоштадот Св. Климент Охридски.

Во 10:00 часот од Светилникот на пристаништето митрополитот Дебарско- Кичевски г. Тимотеј ќе го фрли Светиот крст во водите на Охридското Езеро. По осветувањето на водите, за 12:00 часот е предвидено свето крштевање кај месноста „Сараиште“.

Во истиот термин ќе започне и концертот на групата „Љубојна“ на градскиот плоштад, а од 09:00 до 15:00 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција.

Поради ковид пандемијата и годинава нема да се служи традиционалната рибна чорба, а на 20-ти јануари не е предвидено официјално организирање на Денот на рибарите.


Тимови на Црвениот крст и овој пат ќе се грижат за безбедно одвивање на празникот. Утре и задутре на пункт кај Капетанијата медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.

Ќе бидат ангажирани и спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, потоа тимови на спасители на вода во два спасителни чамци, нуркачки тимови, како и медицински екипи со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.

Од охридскиот Црвен крст апелираат до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба, да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 7 степени целзиусови и секако да се воздржат од консумирање алкохол. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука