Македонија

Косовските терористи во Приштина добија почести како херои

Приштина, 28. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Косовските власти и медиуми пред некој ден ги објавија имињата на деветте убиени Косовци, а досега стигнаа различни информации за активностите, намерите и историјата на лицата од вооружената група.

Познато е дека меѓу убиените Косовци е Бег Ризај, алијас командант Бегу, роден на 25.12.1977 година во Дечани. За разлика од другите, Ризај беше погребен еден ден претходно на гробиштата во Глоѓане. На комеморацијата што ја организирала општината, присуствувале неговите соборци од поранешната ОВК во униформи на расформираната организација. Ризај бил офицер на специјалната единица „Црни орли“ на ОВК.

Дел од медиумите пренесоа дека Бегу претходно учествувал во повеќе воени активности во регионот, а според извори од „Дневник“, своевремено им бил телохранител на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на обвинетиот од Хашкиот трибунал, Рамуш Харадинај. Бегу во функција на телохранител бил заедно со уапсениот Деме Шеху, алијас Јунуку, кој, пак, се смета за поранешен командант на УЧК и дел од 113. бригада, но и учесник во групата што ја нападна караулата во Гошинце. Исто како и Бегу, потекнува од Дечани и бил припадник и на единицата Скендербег, но и блиска врска и логистичар при терористичките акции во Бродец во 2007 година.

Беше погребен и Мирсад Ндрецај. Познат е како командант Нато, неофицијално лидер на кумановската група. Пред погребот на Ндрецај му се оддаваше почит во Ѓаковица, неговото последно живеалиште, каде што се собраа стотина поранешни борци на ОВК. Телото на Ндрецај беше изложено во палатата на културата.

Според информации на косовската информативна агенција и тамошната полиција, Ризај и Ндрецај со судирот во Куманово планирале да го нападнат добро обезбедениот затвор во Грдовци, кај Подуево, за да ги ослободат Бурим Беса и Бедри Красниќи, озлогласени криминалци индоктрирани со екстремен верски фанатизам, за потоа да се приклучат на групата ИС во Сирија, објави приштинскиот дневен весник Коха Диторе. (Крај)

извор: mkd.mk фото: mkd.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави