Избор Охрид

Во Охрид ќе се расправа за зајакнување на безбедноста

Охрид, 29.мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Факултетот за безбедност од Скопје, на 2.јуни во Охрид ќе започне Меѓународната научна конференција „Безбедноста како предмет на истражување-пристапи, концепти и политики“.

На научниот собир ќе земат учество над 130 професори и научни работници од 15 земји и тоа: Италија, Руската федерација, Унгарија, Португалија, Чешка, Украина, Шведска, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија,Црна Гора, Република Српска, Босна и Херцеговина и од Република Македонија.

Конференцијата во присуство на претставници од државните институции во земјата ќе ја отворат Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски„ проф. д-р Златко Жоглев и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф. д-р Оливер Бачановиќ.

По свеченото отворање ќе следуваат неколку главни предавања и презентации кои се очекува да ја опфатат безбедноста како предмет на истражување, безбедносната соработка и отворат меѓу другото за актуелни теми и проблеми од безбедноста и дефинирање на пристапите, концептите и политиките за безбедност во иднина.

Научната конференција во Охрид 2015 низ дебата ќе треба да даде одговори на прашањата што предизвикуваат интерес во научната и општествената јавност. Кога зборуваме за безбедноста на национален или на глобален план, таа својот современ концепт и основни контури ги доби по паѓањето на Берлинскиот ѕид, односно после Студената војна. Терористичките напади од 11 септември 2001 означуваат нова ера во студиите и практиката на безбедноста, велат од Факултетот за безбедност во Скопје.

Оттаму додаваат дека глобализацијата и процесите што доведоа до промена во структурата на светската моќ и сила условија појавите што ја загрозуваат безбедноста се согледуваат како предизвици, ризици и закани.

– За таа цел Факултетот за безбедност по шестти пат ја продолжи ориентацијата со организирање на меѓународни конференции во областа на безбедноста преку што дава придонес во развојот на научната мисла, а на носителите на одлуки на регионално, национално и локално ниво им помага, со помош на сознанијата и истражувачките резултати, побрзо, поедноставно и навремено да ги надминат практичните проблеми со кои се соочуваат, појаснуваат од оваа високообразовна установа. (Крај)

извор:ОхридПрес фото:архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука