Избор На кафе со...

Паункоски: Колку што можам ќе создавам за да остане за Охрид и идните генерации

Охрид, 29. мај 2015 (ОХРИДПРЕС) – Љупчо Паункоски е вљубеник во фотографијата, но преку својата камера остава и видео-сведоштва за Охрид, родната Малесија и за луѓе од градот кои оставиле свој печат.

По професија е електротехничар кој својот занает несебично им го пренесувал на своите ученици. Во интервју за Супер радио и OhridPres зборува и за обидот да го заживее родното ’Ржаново. Паункоски е дел од иницијативата за санација на уништениот пат до селото со средства од луѓето што потекнуваат од таму.

Супер радио: Иако ’Ржаново е иселено, со силна волја и голема љубов кон родниот крај, Вие вложувате напори да го заживеете малесискиот крај кој изобилува со недопрена природна убавина. Колку Ви успева тоа?

Паункоски: Од пред година и половина сум дел од селскиот одбор во ’Ржаново , тоа доаѓа како претседател на месна заедница. Заживувањето на овој крај е една од нашите задачи што си ја поставивме со луѓето околу мене. Првата работа што требаше да ја направиме беше да го ревитализираме тој регион. За тоа да се случи мораше да се подобри патната инфраструктура која е многу запуштена зашто тој крај е заборавен.

Во Македонија постојат многу области како што се Мариово, Осогово и други кои се запоставени. Тука е и Малесија, но за неа речиси никаде не се зборува. Пред околу една година мојата ќерка купи книга која се вика „Чудесна Македонија“ и чинеше околу пет илјади денари. Во таа „Чудесна Македонија“ не најдов ниеден пишан збор за Малесија. Постојат многу околности кои ме натераа да направам нешто за да ја афирмирам таа област. Меѓу другото направив и неколку филмови за овој крај.

Да се вратам на она што започнав да го зборувам. Инфраструктурата е најголемиот проблем. Има луѓе кои многу сакаат да ја посетат Малесија, а не се во состојба. Тоа е еден од најбавите региони во Македонија. Изобилува со многу природни убавини, со разновиден животниски свет, има многу воден потенцијал… Јас честопати велам дека многу малку луѓе слушнале за Малесија, а уште помалку имале прилика да ја посетат.

ljupcopaunkoski2

Супер радио: Малесија не е позната само по природните убавини, туку од овој крај излегле и многу познати луѓе?

Паункоски: Да, има многу познати луѓе кои потекнуваат од овој крај, направиле нешто за Македонија а многумина не знаат дека се од Малесија. Би го спомнал Јован Котески од селото Присовјани, пијанистот Симон Трчески од Збажди, Миле Петкоски – Мартиноски кој во 1924 година го направил првото кино во Охрид, првата македонска ударна бригада е формирана во селото Локов. Познатите дејци Арсениј Јовков и Војдан Чернодрински потекнуваат од селото Селци, така што Малесија заслужува да и’ се обрати повеќе внимание и да се направи нешто за неа.

Супер радио: Вие бевте иницијатор да се санира уништениот пат што води кон малесиските села, особено кон Ржаново кој со години не е недопрен од страна на надлежните?

Паункоски: Како одбор се обидовме да дојдеме до одредени средства. Ако се вратиме 20 и повеќе години наназад, овој регион важеше за големо воено-стратешко подрачје каде беше забрането движење на странски лица. Затоа се обративме до војската и до ГШ на АРМ. На двапати пуштија нивна екипа и го скенираа патот, но добивме одговор дека немаат средства да помогнат во санирањето на патот. Пробавме и на други начини и на крајот заклучивме дека немаме друг избор, освен нашите жители кои потекнуваат од ’Ржаново со свој придонес да помогнат да се санира патот. Изненадувачи беше одзивот на луѓето. Не поставивме одредена сума, туку кој колку што можеше, го даде својот придонес.Се собраа околу 2.500 евра. Исто така и од шумското стопанство заради сечата на дрва за огрев го користат овој пат и тие на некој начин најмногу го уништуваат патот со теренските возила, како поддршка добивме еден камион дрва во вредност од околу 30 илјади денари.

Со ангажирање на посебна механизација и со неколку наши акции успеавме да го оспособиме патот и за големо чудо, минатата година кога селото го слави празникот „Света Недела“ имавме посета на околу 400 луѓе, меѓу кои и наши иселеници кои живеат во САД.

Имаме доста планови кои треба да се спроведат. Една од идеите до изворите на Голема Река кои се оддалечени од селото околу 3,5 километри да го оспособиме и исчистиме патот и да направиме мост за да можат сите љубители на природата со патокази да го посетат ова живописно место.

ljupcopaunkoski3

Супер радио: Зборувајќи со голема љубов за родниот крај, оставајќи дела зад себе токму за заживување на овој крај, создавајќи серија документарци за Малесија, вие сте и еден од „виновниците“ за враќање на иселениците од Малесија кон своите родни огништа. Ако не повеќепати, барем еднаш годишно?

Паункоски: Не знам како да почнам. Овој крај е печалбарски. Многу луѓе по Илинденското востание биле принудени да заминат на печалба во САД за да обезбедат егзистенција за своите деца. Голем број ’ржанчани, но и жители на Селци и Буринец заминуваат на печалба во Пенсилванија работејќи како пекари, а луѓето од останатите села меѓу кои Збажди и Присовјани заминуваат во Австрија, работејќи како слаткари и шеќерџии. Некои од нив се вратиле назад меѓу кои и мојот дедо по 20 години печалба, а повеќето и не се вратиле. Останале таму и ги заборавиле своите семејства. Имав прилика во разговор со некои наши постари луѓе да ги дознам нивните имиња. Кај мене се јави една желба особено при мојата посета на САД во 2002 година. Таму го посетив музејот „Либерти Стејт парк“ и осторвот Елис Ајланд каде пристигнувале доселениците од целиот свет од 1892 до 1924 година. Тие се потпишувале, оставале податоци од каде доаѓаат, со кого доаѓаат, дали се оженети, колку пари носат, потоа имало податоци за нивните карактеристики, боја на очите, и други лични податоци. Тие што имале помалку од 18 години или имале физички недостатоци биле враќани назад. За нашите печалбари постои комплетна документација.

Супер радио: Да се навратиме на документраците кои ги оставате како сведоштво за едно време кое оставило свој печат…

Паункоски: Мојот втор филм се викаше „’Ржаново и Малесија“. Третиот филм го крстив „Малесија“ каде се опфатени сите села од овој крај и четвртиот мој филм е индиректно врзан за Малесија а се однесува на првото кино во Охрид, „Охридско Езеро“ затоа што тоа кино го изградил Миле Петкоски Мартиноски, баџанак на мојот дедо кој исто така потекнува од ’Ржаново но заминал во САД на печалба и по враќањето како голем љубител на филмот решил да изгради кино. Со овој документарец сакав постарите луѓе да се потсетат на едно поинакво време во кое живееле, а помладите да разберат нешто повеќе за минатите времиња, за тоа што значело киното. Тоа е и историја на Охрид.

ljupcopaunkoski4

Супер радио: Фотографијата и видео-записите се ваше најголемо хоби. Секаде каде што одите со Вас го носите и фотоапаратот?

Паункоски: Мојот живот, ако се вратиме години наназад е врзан за фотографијата и електрониката. Како дете од 12 години учев во ОУ „Григор Прличев кое во тоа време беше сместено во денешната гимназија. Наспроти училиштето се наоѓаше пионерскиот дом „Иво Лола Рибар“. Во него покрај тоа што имаше библиотека, работеа и повеќе секции, шаховска, фотосекција, радиосекција. Јас се запишав на фотосекција и радиосекција и тоа ми стана преокупација до ден-денес, но и животна професија.

Една цела екипа составена од мои соученици , со еден фотоапарат одевме, сликавме, ги развиваме филмовите и правевме фотографии. Тоа ми остана како голема љубов и ден-денес сум еден од постарите членови на фотоклубот „Охрид“. Со овој клуб учествуваме на повеќе градски изложби, но минатата година учествував на една изложба надвор од Македонија во гратчето Беоџин кај Нови Сад на која имаше преставници од САД и од Австралија.Од понудените мои пет фотографии , четири ги примија за бидат дел од изложбата.

По завршувањето на основното училиште започнав да работам во тогашниот Дом на културата „Моша Пијаде“. Три години работев како киноапаратер. Не постоеше филм што не сум го гледал. Некои по пет-шест, па дури и по десет пати сум ги гледал.

Втората љубов по фотографијата ми е електрониката. Заминав во војска и кога се вратив моето работно место беше пополнето. Тогаш морав да направам преквалификација и наново уште три години го изучував занаетот. Една година во Куманово завршив за радиомеханичар и две години во Скопје. Направив една преквалификација и еве до ден-денес, повеќе од 40 години рабоам како радио и ТВ механичар во својот сервис.

ljupcopaunkoski5

Супер радио: Има ли сега работа колку што имаше порано? Ова го прашувам зашто сега радиото го губи приматот, излегува нова техника, телевизорите се многу евтини и секој може да си дозволи да купи нов наместо да го поправа стариот?

Паункоски: Во тоа време по завршувањето на школувањето се вработив во МРТ каде четири и пол години работев на предавателот каде се пренесуваа радио програмите а наредните години и на предавателот Мали Влај. Паралелно со тоа, во 1987 година го формирав и сервисот и можам да кажам дека сум еден од постарите мајстори кои се уште работат со оваа струка.

Јас учев на црно-бели телевизори, но сега техниката е многу напредната. Имаме ЛЦД, ЛЕД-телевизори. Тоа значи да се следат модерните текови, да се следи интернетот за да се биде во чекор со техниката која оди многу напред. Сега ги работиме сите апарати од најстарите до ЛЕД-телевизорите, но обемот на работа не е како што беше порано туку е намален. Сега многу потешко се заработува меѓутоа се уште како реномиран сервис работиме и имаме доста клиенти.

Јас сум веќе пензионер но се уште сакам да седнам и да работам. Моментално имам двајца вработени но досега во сервисот поминале доста млади луѓе кои го изучија занаетот, станаа добри мајстори и јас се гордеам со нив. Занетот не го криев, туку колку што можев им помагав на сите, но не зависеше се’ од мене туку и од нив.

Супер радио: Дека сте добар занаетчија кој не го остава занаетот потврдува и минатогодишното признание што Ви го врачи Регионалната занаетчиска комора со седиште во Охрид…

Паункоски: Минатата година добив благодарница од Регионалната занаетчиска комора. Тоа многу ми значи. Луѓето не ме заборавија. Јас сум еден од најстарите занаетчии во градот кој работи повеќе од 40 години, и тоа со голема љубов.

Супер радио: И покрај се’, се уште имате иницијативи и идеи за оставите нешто повеќе за градот и родниот крај од каде што потекнувате. Што да очекуваме следно?

Паункоски: Иницијативи има секогаш. Тешки времиња се и нема помош од никаде. Се’ што работам, го финансирам сам, со сопствени средства. Моментално работам на проектот за животот и делото на нашиот познат уметник кој целиот свој живот го посвети на музиката, Номче Гаврилоски. Проектот е до половина направен, но треба уште некои луѓе да снимам.

Другиот проект кој сметам дека е многу важен за Охрид се однесува на Охридскиот пливачки маратон. Интервјуто со легендата Леко Радиќ е направена. Нико Нестор и Дики Бојаџи прифатија да бидат дел од документарецот, па летово ги чекам да дојдат во Охрид. Прифати да зборува и Соња Думбалова која се уште работи со пливањето.

Размислувам и за уште една тема која ќе треба прилично долго да се работи, а тоа е „Охрид од шеесеттите“. Да се вратиме назад. Некој можеби ќе рече, носталгија за една младост, но тоа не е така. А можеби пак, има нешто вистина и во тоа. Младите не знаат како Охрид функционирал во тие 60-ти години од минатиот век, игранките, како се купуваа плочите, како се слушаше Радио Луксембург… Има многу работи што се случувале во тоа време. Поддршка немам од никого, но колку што можам ќе создавам за да остане за Охрид и за идните генерации. Многу настани и личности оставиле траги кои не треба да исчезнат.

Супер радио: Вашата генерација и соучениците од „Григор Прличев“, покренавте една иницијатива за дружба и по половина век. Пред две години одбележавте 50 години од завршувањето на основното образование, лани ја одбележавте 51-та годишнина. Како се случи тоа?

Паункоски: Имам другар во Америка и во една прилика му испратив фотографија од тоа време кога бевме во прво одделение. Тој всушност беше иницијатор кога ќе дојде да не’ собере сите. Така и се случи. Првата година, на јубилејот, се собравме 50-тина од сите одделенија.Чинам дека кулминација беше минатата година кога дојдоа наши врсници од Австралија, Франција, Хрватска, Србија… Поминавме една прекрасна вечер. Годинава повторно прашуваат дали ќе се собираме.Овојпат предлагаме да се дружиме на скара во Скребатно. Сега и со тие што низ годините не сме се поздравувале, преку оваа наша дружба станавме блиски пријатели, па се покануваме на меѓусебни посети. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука