Економија Македонија Туризам

Јаневски: Очекуваме континуиран раст и зајакнување на туристичкиот сектор

Скопје, 15. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Минатата годината ја завршивме со одлични бројки, очекуваме континуиран раст и зајакнување на туристичкиот сектор, вели директорот на Агенцијата за туризам Љупчо Јаневски.

Според најновите статистики на Светската туристичка организација (UNWTO), Република Македонија за 2021 година забележала раст на меѓународни туристички пристигнувања од 139%. Со ова земјава е на петто место во светот како дестинација со најголем раст на странски туристи, меѓу кои и Црна Гора, Кипар, Малдивите и Босна и Херцеговина.

Топ пет туристи кои ја посетиле Македонија во 2021 година се од Србија, Турција, Полска, Косово и Албанија, истите се и најбрзорастечки пазари за изминатиот период, вели Јаневски.

– Во периодот јануари – декември 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 50.3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 16.9 %, а кај странските зголемувањето е за 148,7 %. Во периодот јануари –декември 2021 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 36.3 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување на ноќевањата за 13.7 %, а кај странските зголемувањето е за 165.1 %. Процентуалното зголемување на бројот на странски туристи, доаѓа како резултат на заедничките активности со туристичкиот сектор во изминатиов период, додава Јаневски.

Девизниот прилив во 2021-ра за разлика од 2020-та бележи скок од 52%, а лани во однос на 2019-та девизниот прилив бил помал за само 3%, што укажува на закрепнување на секторот.

Годинава се очекува помеѓу 30-40 % скок во туристичката индустрија, а Јаневски изрази надеж за позитивен девзен прилив од 400 милиони долари од туризам.

Во однос на плановите за годинава она што треба да работи Агенцијата е да може да ја избрендира Македонија како туристичка дестинација, да овозможи нов бренд, ново лого што потоа ќе се развива како државна кампања во 2023 година, а најавено е и зголемено присуство на традиционалните и регионалните пазари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука