Скопје/Охрид, 21. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со коронавирусот во земјава е стабилна, а бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати не бележи раст, коментира за „Слободен печат“ доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Тој додава дека доколку ситуацијата продолжи да се развива со истиот тек, за очекување е на некоја од наредните седници на Комисијата да се укинат целосно рестриктивните мерки кои се на сила, поточно сертификатите за вакцинација кои се бараат при влез во угостителски објекти.
Министерот за здравство Беким Сали вчера истакна дека опфатот со вакцинација против Covid-19 на државно ниво е 46 отсто и дека за жал, интересот за вакцинација е опаднат, меѓутоа паралелно со тоа е опаднат и бројот на новоинфицирани, што е позитивна вест.
– Тоа не значи дека и во иднина ќе биде така. Ние треба да бидеме подготвени како институции за соочување со каков било предизвик од коронавирусот, рече Сали.
Во меѓувреме, Охрид останува помеѓу градовите со висока стапка на новозаболени лица. Според последните, официјални информации од Министерството за здравство на Република Македонија, во текот на последните 24 часа направени се 1.908 тестирања, при што се регистрирани 127 нови случаи на Covid-19. Регистрирани се 7 новозаболени, едно починато и едно оздравено лице од Охрид.
Досега во земјата се направени вкупно 2.000.910 тестирања на Covid-19. Вкупната бројка на Covid-19 дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 308.878, бројот на оздравени пациенти е 298.811, на починати е 9.265, а бројот на активни случаи изнесува 802. (Крај)
извор: Слободен печат/ОхридПрес фото:ОхридПрес