Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Утре по 13-ти пат ќе се одржи Ѓурѓовденската литија во Струга

Струга, 6. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Моштите на свети Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона и годинава ќе ја благословат Струга, со што продолжува црковната манифестацијата што традиционално се одржува секоја година.

Утре во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј во Струга, со почеток во 16:00 часот, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, на која ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

После завршувањето на вечерната и панихидата, од 17:00 часот следи свечената Еордија (литија) со светите мошти на Великомаченикот и неговата чудотворна икона. Чесните мошти ќе бидат изложени во храмот за поклонение пред да започне вечерната боголужба сѐ до започнувањето на Еордијата.

– Ве покануваме да бидете гости на нашата манастирска слава, како и да земете учество во древната струшка литија, која пред неколку години беше обновена и збогатена со присуството на моштите на Св. Георгиј од манастирот во Рајчица. Дојдете, почувствувајте ја радоста и благодатта на овие торжествени настани и примете го благословот на славниот Победоносец Георгиј, велат од Бигорскиот манастир.

На самиот крај на Струшката Еордија во дворот на струшкиот храм „Св. Георгиј Победоносец“, ќе следи културно-уметнички настан, а ќе настапи ансамблот „Македонија“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука