ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Пет лица секојдневно питачат во Охрид, на лето бројката достигнува и до 70 питачи

Охрид, 6. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид секојдневно питачат пет лица, во текот на туристичката сезона бројката на питачи се движи од 30 до 50, а може да достигне и до 70.

Питачите во Охрид се носат од други градови, а најчесто ги има по плажите, хотелите, рестораните, верските објекти… Најтрагично во целата ситуација е што децата се малтретирани и тепани, а парите што ќе ги добијат од питачењето завршуваат кај организаторите, кои си прават луксуз на нивна сметка. Едно дете од питачење собира од 3.000 до 5.000 денари, во поголемите градови каде има повеќе население.

– Питачењето и злоупотребата на детскиот труд е децениски проблем. Дека бројката на питачи во цела Македонија е критична, фрапантна и разочарувачка, покажуваат и истражувањата на Здружението „Градиме иднина“. Во цела држава секојдневно питачат 2.000 лица, а оваа бројка може да е и поголема, вели Илија Јовановиќ, претседател на здружението, што од 3-ти декемви минатата година го спроведува проекот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“. Тој бара институциите и надлежните служби професионално, совесно и одговорно да ја вршат службената положба, а преку нивните извештаи ќе се покаже колку работат, што и како е спроведено.

Нема достапен опис

– Според податоците што ги добивме во Охрид питачат од 3-5 лица, двајца возрасни мажи и малолетни лица. Ќе правиме едно ново истражување, дали ќе се вклучат општините Охрид и Струга или ќе најдеме други начини за реализација, за да ја провериме состојбата во овој регион. Питачите може да се сретнат на различни локации од 11:00 до 02:00 часот по полноќ, тоа го покажуваат нашите истражувања, а од град во град се носат најчесто во ноќните часови. На 146 деца им е уништено детското право во цела држава, најмногу од ромската популација, од македонците, иод неколку други етнички групи. 50 деца се дрогираат не знаеме од каде ја набавуваат дрогата. Апелирам до полицијата, советот на општината, Центарот за социјални грижи службената положба да ја вршат посовесно и поодговорно бидејќи тие се сервис на општеството и граѓаните, истакна Јовановиќ.

Нема достапен опис

На писмено добиле уверување од министерот за внатрешни работи дека ќе бидат вклучени сите полициски станици во цела Македонија и униформираните лица ќе ја вршат својата службена положба за справување со оваа ситуација.
Јовановиќ потенцира дека во Струга и Скопје на нивна иницијатива се спроведени акции при што одземено е родителско право и поднесени се неколку кривични пријави.

– Апелирам да се стави крај на питачењето и злоупотребата кај децата од страна на организаторите и апелирам до сите граѓани престанете да им давате пари, овие средства не завршуваат кај децата и просјаците, туку кај главните мафијаши, организатори и нивните шефои што ги обучуваат како да питачат и во кој период. Во Македонија има 27.000 гладни, тие се доволно работоспособни и можат да работат, да не пристапуваме со сожалување, дека треба да зависат од питачењето. Особено лицата од 20-55 години, меѓу нив има голем број работоспособни, Има начин доколку се прифати нашиот проект да се социјализираат да одат на обуки, курсеви, на пракса да се доквалификуваат, да се преземе нешто институционално, подвлече Јовановиќ.

Тој истакна дека има системско решение на овој децениски проблем. Преку овој проект доставено е барање до сите институции за отворање дневни центри низ цела Македонија, за згрижување на питачите и со нив да работат стручни тимови од педагози, дефектолози, социјални работници медицински лица… Јовановиќ вели дека се бара помош и вклучување и од страна на Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука