ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Бернска конвенција: Прекинете со сите активности во Охридскиот Регион додека не ја процениме состојбата на терен

Скопје/Охрид, 9. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Изминатата седмица Бернската конвенција го објави Извештајот од првиот состанок на Бирото на конвенцијата во 2022 година, на кој се разгледуваше и ново-отворениот случај против Република Македонија за заканите врз Охридското Езеро и НП „Галичица“, информираат од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.

Во одлуката за Охридскиот Регион Бернската конвенција изразува длабока загриженост за бројните проблеми истакнати во извештајот на подносителот на жалбата – Фронт 21/42 и бара македонските власти да прекинат со сите активности, се додека не дојде на терен планираната мисија, на која ќе и се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција.

– Бирото посебно ги истакнува дивоградбите, нацрт измените на Законот за урбанистичко планирање, нацрт- законот за Студенчишко Блато, плановите за понатамошна урбанизација во регионот, Коридор 8, и последните стратегии, како Стратегијата за развој на туризмот во Општина Охрид – опоменувајќи ја власта дека речиси сите активности кои ги спроведува се спротивни на препораките на УНЕСКО. „Бирото повторно побара Владата на Република Македонија да заземе холистички и долгорочен пристап во планирањето на проекти во областа на Светското Наследство и подрачјата кои се кандидати за Емералд мрежата, бидејќи краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откако природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“, се вели во одлуката на Бернската конвенција.

Владата се опоменува и дека не ги доставува обврзните извештаи до конвенцијата, ниту пак доставила во дадениот рок повратен одговор за планираната проценка на терен (без кој Бирото не можеше да ги усвои условите за проценката, која требаше да се случи оваа пролет).

– Бернската конвенција бара Република Македонија итно да го достави својот повратен одговор и да не ја одлага и понатаму посетата на терен, и го задолжи Секретаријатот на конвенцијата да го контактира Постојниот претставник на Република Македонија во Стразбург, доколку државата продолжи да не доставува одговор, потенцираат од Фронт 21/42. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука