Избор Празници ТОП ВЕСТИ

Св. апостол Симеон, епископ Ерусалимски

Скопје/Охрид, 10. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 27-ми април, денот кој православните верници го слават во чест на Св. апостол Симеон, епископ Ерусалимски.

Свршеникот на Дева Марија, Јосиф, имаше брат по име Клеопа кој живееше во Ерусалим. Во неговото семејство се родија двајцата браќа Јаков и Симеон, кои подоцна еден по друг беа првите ерусалимски епископи. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја.
Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост.

Во 70 година, кога Римјаните го нападнаа Ерусалим, епископот се повлече заедно со целата тамошна црква во градот Пела, од другата страна на Јордан. А кога Римјаните ја освоија цела Јудеја почнаа да ги гонат Давидовите потомци, за да спречат некој од нив да подигне бунт против освојувачите. Така и овој престарен човек кој тогаш имаше 120 години го доведоа под стража во Ерусалим, барајќи од него да се откаже од Христос.

Старецот ги презре сите закани, ветувања и мачења и најпосле беше распнат на крст во 107 година. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука