ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Марко Пејчиновски: Ова лето ќе имам 10 препливувања во 10 викенди и ќе испливам 250 километри (Видео)

Охрид, 11. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Младиот охридски херој – пливачот Марко Пејчиновски, денеска преку видео порака објавена на неговиот официјален профил на Facebook најави дека ова лето ќе биде исклучително активно за него.

– Од како ја започнав својата пливачка кариера до денес правам подвизи кои никој до сега ги нема направено. Секогаш сакам да ги кревам стандардите, да направам нешто поголемо, да направам нешто потешко, да го тргнам зборот невозможно од нашиот речник. Да докажам дека и кога нема да успееме, треба да ја држиме главата горе и да пробаме повторно. Да докажам дека сите можеме да успееме, без разлика на препреките кои ни стојат на патот. Ова лето јас повторно сакам да ги кренам стандардите. Затоа, ова лето, јас, Марко Пејчиновски ќе имам 10 препливувања во 10 викенди и ќе испливам 250 километри. Целта ми е да докажам дека и во Македонија има таленти и дека и овде има деца кои чекаат да им се пружи рака за да се докажат, дека и ние имаме спортски потенцијал. Сакам да ги поттикнам другите спортисти за да имаме претставници на секој натпревар, во секој спорт. Заедно да докажеме дека нашата земја не е за потценување, порача Марко преку видео порака.

Тој додаде дека датумите на препливувањата ќе бидат објавени пред секое пливање.

– Од Вас барам да ме поддржите. Знам дека нема да е лесно, но јас знам и дека ќе можам ова да го направам. Поддржете ме мене и сите други спортисти, бидејќи ние сме тие кои ја прават државата подобра, истакна младиот охридски пливач.

Во септември минатата година тој пливаше во знак на поддршка на Децата со ретки болести. Претходно, на 1-ви август 2021, тој направи уште еден подвиг, откако по 3 пат ја исплива делницата Охрид-Св. Наум-Охрид и подвигот го посвети на неговата мајка.

Марко пред четири години го преплива езерото, кога со 12 години стана најмладиот маратонец што ја испливал 30-километарската делница од Свети Наум до Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука