
Бектеши: Трговците во туристичките дестинации треба да работат и во недела
Скопје/Охрид, 13. мај 2022 (ОХРИДПРЕ) – Трговците во Струга, Охрид и другите туристички дестинации треба да работат и во недела, објави синоќа министерот за економија во Владата на Република Македонија Крешник Бектеши.
– Ова е констатирано во консултација со пратениците, локалните самоуправи и бизнис заедницата. Министерството за економија заедно со пратениците предложи вакви измени во Законот за трговија и очекува што побрзо да се усвојат, напиша македонскиот министер.
Претходно, охридскиот и струшкиот градоначалник, д-р Кирил Пецаков и Рамис Мерко побараа туристичките места ќе бидат изземени од мерката „недела неработен ден“. Барањата дојдоа по бројните реакции на дуќанџиите од Охрид и Струга кој апелираат да работат во недела, кога е најраздвижено низ чаршијата, поради напливот на туристи.
Министерството за економија поднесе законски измени до Собранието за дополнување на Законот за трговија, а најавите се дека сите партии ќе дадат зелено светло за ваквите измени. Со тоа ќе се отвори можност во недела и за празници сите трговци на мало во туристичките места да можат да работат, за што ќе треба да платат 100 отсто дневница. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |