Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Јавна дискусија „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Република Македонија“ во Охрид

Охрид, 16. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во среда, на 18-ти мај 2022 година, во Општина Охрид ќе се одржи јавна дискусија како дел од проектот „Кон транспарентна, отчетна и инклузивна полиција во Република Македонија“.

Главната цел на проектот е да допринесе кон подобрување на јавното мислење и разбирање во однос на транспарентноста и отчетноста на полициската организација, преку зголемен степен на надзор и дијалог со цел подобрено носење и спроведување на политики кои ја засегаат јавната безбедност. Со цел да се придонесе за постигнување на севкупните цели, следниве специфични активности беа остварени во временската рамка на проектот: анализа на постоечкото законодавство и национални стратегии за да се идентификуваат трендовите и предизвиците кај полицијата и надзорот на нивната работа, истражување на јавното мислење на национално ниво, за да се измерат граѓанските перцепции и доверба во полицијата, спроведување на осум фокус групи во осумте плански региони во Република Македонија и спроведување на структурирани интервјуа со полициски претставници/чки од осумте плански региони, информираат организаторите од Здружението на граѓани за истражувања, анализи и развој на јавни политики „Евротинк“ – Центар за европски стратегии од Скопје.

На јавната дискусија ќе бидат презентирани клучни наоди од проектот за институционалните предизвици за имплементирање на одржливи политики насочени кон подобрување на полицискиот интегритет, вклучително и студии кои обезбедуваат практични препораки и патоказ кон потранспарентно, отчетно и инклузивно работење. На дискусијата ќе бидат присутни претставници на полицијата, локалните власти, локалните медиуми и граѓанското општество каде што ќе се зборува за подобрување на комуникацијата и општествениот дијалог помеѓу граѓаните и полициската организација, но и локалните власти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука