Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Трајни вредности

Леонора Чекреџи, гласот на Охрид: Болна точка ми е македонскиот јазик, затоа што сега не му се посветува внимание (Фото/Видео)

Охрид, 18. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Има нешто посебно во магијата на радиото, во можноста да раскажеш приказна, да пренесеш емоција, да создадеш нов свет и да допреш до луѓето само преку звук.

Поминаа многу години, а радиото остана универзален медиум кој нуди 24 часа забава, едукација, јавни дебати и e составен дел од секојдневието. Милијарди луѓе од целиот свет и натаму секојдневно слушаат радио, а тоа и натаму го држи приматот како најбројна и најголема медиумска платформа. Успеа да се прилагоди најбрзо на новото – дигитално време и останува верен пријател на слушателите.

Во Охрид радио приказната започна во далечната 1957 година, од кога со звуците на „Билјана платно белеше“ Радио Охрид го започнуваше секој нов ден. Следуваше Супер радио и многу други станици, кои секоја на свој начин се вградија во оваа голема приказна. Токму во Радио Охрид целата своја професионална кариера ја помина и нашата денешна соговорничка, дамата која е сопственик на еден од најубавите и најпрепознатливите гласови во Охрид.

На наше огромно задоволство денеска разговараме со Леонора Чекреџи – гласот на Охрид.

Супер радио: Да Ве навратиме на самите почетоци. Колку време работевте во Радио Охрид, за многумина симболот на Охрид и воедно најстариот градски електронски медиум.

Чекреџи: Најпрво ви благодарам за поканата, поздрав до слушателите на Супер радио, во огромен број се, тоа со сигурност знам, Супер радио е супер радио. Јас сум во радио од 1964 година, 40 години континуирано без прекин работев. Најпрво бев хонорарец. Ме „откри“ Димче Маленко, тој ми беше професор во Гимназија и ги знаеше моите квалитети, убаво читав, рецитирав, ако требаше да се прави приредба прва бев за рецитирање, за читање и тогаш, 64-та постојниот спикер во Радио Охрид требаше да оди на одмор. Се најдовме по чаршија со Маленко и ми рече Леонора, дали би дошла да го замениш спикерот. Му реков како така без подготовка, ми рече веднаш следниот ден да дојдам. Се согласив. Утредента отидов во радио, програмата почнуваше во 14:30 часот, ми ги даде материјалите за читање, имаше еден цитат од весник. Јас се чудам како ќе го изведам тоа. Си реков што ќе правам сега, ова не е весник, цел народ те слуша. Но, кога почнав, да ви кажам право, како некој прозорец да ми се отвори, се почувствував на повисоко ниво, значи нешто сум, штом читам, ме слушаат, зедов сила, како да имам пракса. Следниот ден цел град прашуваше Кој е овој глас?, ваков убав, досега не сме го слушнале. Им се допаднав. Тогаш Маленко ми рече да почнам да доаѓам во радио. И така почнав, прво хонорарно, потоа веќе немаше шанса да ме испуштат, си останав, цели 40 години. Задоволна сум од тоа што го постигнав.

Супер радио: Ги бележевте случувањата во Охрид и ги пласиравте до јавноста преку 89 и 98,8 мегахерци, со препознатливата „Билјана платно белеше“ за старт на програмата, па со слоганот „За сите генерации добри вибрации“. Што значеше радиото како медиум во минатото, а како на него гледате сега?

Чекреџи: Во тоа време радиото значеше сé, немаше ништо освен Радио Охрид немаше други радија да се слушаат, ни телевизии, само „Билјана платно белеше“ или реклами што ги читам јас или вести, музика, значи Радио Охрид се слушаше и тоа на големо. Тоа значеше нешто, Радио Охрид беше број еден и многу ми е жал што повеќе не постои. Јас целиот работен век го поминав во радио и тоа за мене значи сé, уживам во слушање радио, музика, вести, репортажи… радиото ми значи, со него пораснав, со него остарев.

Супер радио: Вие бевте и останавте препознатливиот глас на Радио Охрид, медиумот што беше расадник на млади и надежни новинарски кадри. Каков беше ентузијазмот кај младите колеги во тоа време?

Чекреџи: Jас кога бев, имаше млади што навистина се интересираа, имавме емисии на англиски, на турски, на албански јазик, доаѓаа тука работеа, се интересираа. Сега не знам како е, не ми се верува дека се толку ентузијасти.

Супер радио: Многумина излегоа од новинарската школа на Радио Охрид. Какво било спикерството некогаш, какво е сега, колку воопшто се негува македонскиот јазик, воопшто во медиумите?

Чекреџи: Ех, тоа ми е болна точка, македонскиот јазик, затоа што сега не се посветува внимание на јазикот. Јас кога работев имаше семинари правевме од цела Македонија, спикерите одевме во Радио Скопје, тогаш беше во Нерези, се собиравме сите и што е најважно учител ни беше Иван Андонов, тој беше прв и последен, таков глас веќе не се роди. Ќе нé собереше сите на една маса и предавање ни држеше, за дишењето, за држењето, за отворањето уста, како да дишеме, од каде да излегува гласот, не од грло, туку од дијафрагма за да може да се издржи. Имавме и часовник, во секунди ни го мереше времето еден по едне на сите, ни велеше да земеме воздух и да видиме колку ќе издржиме и ни бележеше. И сите од грло и малку… Јас бев некако посебно, кога ќе земев воздух, ми велеше „ајде доста е“ и ќе ми честиташе. Ми рече ти ќе бидеш добар спикер, ги имаш сите предиспозиции. Му реков ќе видиме, јас и сега си сум добар спикер. Еден ден нé собра сите, застанавме пред спикерна и гледавме како се реализираат вестите во Радио Скопје. Имаше еден Миле Попов, многу добар спикер, тој следеше како ние работевме и ми рече: „Дојди ваму, седни со мене да читаш вести“. Си реков јас да читам вести на Радио Скопје, па како тоа. Ми рече гледам дека имаш потенцијал. И така и се случи, седнав до него ми ги даде материјалите. Другите рекоа „леле каква храброст има“. На крај ми честита. И тоа ми е така едно искуство.

Тогаш имаше семинари, се собиравме, учевме како да дишеме и сé што е потребно за добар спикер, сето тоа го учевме, како на училиште. Сега каде има таква работа, кој сега ќе му каже на некого што и како треба да направи. Мене некогаш ми се чини да излезам од дома и да истрчам каде што слушам, сега ништо, јазикот нула, не се гледа на јазикот. Сто пати сум рекла не ги сакам оние стегнати вокали, тоа најмногу ме нервира, тој скопски нагласок и никако да се откажат од тоа, а не е тешко, треба само некој да им каже на водителите отворете ја устата, дозволета на вокалите да излезат, ама не, никој ниту гледа ниту слуша. Јас имам строг критериум, да ме пуштат мене таму би направила чистка, би го оставила само она што е квалитетно. Ние порано се интересиравме, јас читав многу книги, весници, слушав на телевизија, ловев грешки за и јас да не ја повторам истата, сега никој не гледа, само да помине емисијата и толку. Жалосно.

Супер радио: Часови и часови поминати пред микрофон, дневникот во 16:30 часот што немаше кој не го слуша, бројни реализирани авторски емисии, како „Среде плочникот“, радио берзата… Повозрасните сигурно се сеќаваат на поздравите и честитките што одеа во недела. Потсетете нé како тоа звучеше.

Чекреџи: Поздрави и честитки беше емисија за разонода, а имаше и голем интерес. Преку цела недела доаѓаа честитки за матура, свадби, свршувачки, одење во војска… Да ви кажам една анегдота што ми се случи јас кога примав честитка. Случајно се најдов во редакција каде се примаа честитките, дојдоа двајца мажи од Пештани, да дадат честитка. Читам за свадба беше: „Сé најубаво честитки до сватот и сваќата со песната „Suze, suze“, а тогаш беше популарна од Далибор Брун. Многу жална песна, а гледам честитка за свадба. Им реков каде ја најдовте оваа песна за свадба. Ми рекоа па што и фали. Им реков дали знаете што е тема на песната. Возвратија- што е важно, најважно се споменува Сузе, невестата така се вика. Им реков тоа е српска песна насловот е „Солзи, солзи“ не оди оваа песна со содржината на песната. Па така ја избришавме, ставивме друга песна. Ете така тоа остана како виц.

Супер радио: За жал, во јули 2016 година по 59 години опстојување, прекина да се емитува програмата на Радио Охрид, медиум кој е во колективната меморија на охриѓани, но и ризница со непроценливо архивско богатство, значајно за Охрид. Како ја примивте оваа вест?

Чекреџи: Како ја примив веста, јас си знам, толку време сум била дел од тоа радио, сум придонела за квалитетот и сум работела, и страшно ми беше, не можев да се помирам. Како не се најде некој да најде некоја солуција да опстане некако, ама ништо. Многу ми беше тешко, затоа што ми значеше, цел живот бев во радио, цел живот со песна. Ние горе кога ќе снимавме, знаевме и да заиграме оро, долу во редакција велеа „еве ги овие пак се фатија за орото“ и така ни се смееа. Сакам да кажам имаше слога, живот имаше. Кога ќе одев на одмор, гледав побрзо да ми помине за да се вратам на работа, не можев без радиото, тоа ми беше живот. Како на музичарите што им е инструментот, така за мене беше микрофонот. Со еден збор МАГИЈА, кој не седнал пред микрофон, не знае.

Супер радио: Вие сте сега во заслужена пензија. Како ги поминувате пензионерските денови?

Чекреџи: Да ви кажам повеќе одмарам, одам на прошетки, имам внучиња, со нив се занимавам, ќе дојдат кај мене, па јас ќе одам докај нив и така ми поминува времето. Инаку нешто посебно не. Телевизија гледам редовно, „манијак“ сум за телевизија и радио секако. Тоа е професионална деформација и забелешки им наоѓам на сите, само не можам да им кажам. Да се најдам во нивна средина и да им кажам лично што не им чини, каде грешат во читањето, што може да се корегира…

Порака до охриѓани да слушаат музика, тоа е лек за душата. Јас цел живот сум со песни, по дома задолжително или радиото е пуштено или телевизија. Со музика пораснав, со музика остарев. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука