Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Годишнина од премиерата на филмот „Мирно лето“ од Димитрие Османли

Охрид, 18. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, во 1961 година, во скопското кино „Култура“ се одржа премиерната проекција на филмот „Мирно лето“ од македонскиот режисер Димитрие Османли.

Првата клапа на првата македонска комедија падна на 25-ти септември 1960 година во Охрид, а филмот премиерно бил прикажан на 18-ти мај 1961 година. Гледајќи го филмот некој се присетува, а некој можеби првпат гледа како изгледал хотелот „Палас“, Чинарот, „Канео“, „Св. Климент“ и останати прекрасни локации во Охрид пред повеќе од половина век.

Често пати меѓу охриѓани може да се слушне „констатацијата“ дека ситуацијата по дома е „мирно лето“, алудирајќи на случките во филмот.

Во овој култен филм освен Слободан Перовиќ, кој ја толкува главната машка улога, играат бардовите на македонското глумиште: Љупка Џундева, Мери Бошкова, Илија Милчин, Петре Прличко, Дарко Дамески.

Филмот „Мирно лето“ во 1961 година за само четири дена го виделе 17 илјади гледачи, а многумина доаѓале и во Охрид да ги посетат локациите каде се снимале сцените од филмот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука