Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Ќе има ли Охрид уредени плажи ова лето, ја префрла ли Владата топката кај локалната самоуправа?

Охрид, 25. мај 2022 (ОХРИДПРЕС) – Бизнис интереси и профит или реална грижа за туристичката понуда на најголемиот туристички центар во државата? Ќе има ли Охрид уредени плажи ова лето? Што воопшто подразбираме под уредени плажи – шанкови, гласна музика и лежалки или современо уреден и функционален простор за користење?

Одговорите на овие прашања ќе ги дадат насоките во кои ќе се движи понудата на туристички Охрид, кој е на само месец и половина од шпицот на сезоната. Владата на Република Македонија, овој „жежок костен“ неодамна го префрли кај локалната самоуправа со недвосмислена порака дека има јасни критериуми и законски процедури како општината може да пристапи кон поставување плажи согласно урбанистички план, доколку тој се наоѓа во рамки на Генералниот урбанистички план.

– За таквата процедура и постапка, согласно новиот Закон се изработува урбанистички проект, кој не треба да оди во Владата, туку Општината може сама да изработи план и да донесе плански документации согласно ГУП-от и планот за управување со УНЕСКО, порача неодамна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во врска со (не)носењето план за управување со Охридското крајбрежје од страна на Агенцијата за просторно планирање, поради што градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков истакна дека тоа е пречка за изградба и давање под концесија на плажите за претстојната туристичка сезона.

Бочварски нагласи дека општините може сами да си ги изработат тие планови и да донесат такви урбанистичко плански документации. Додаде дека согласно Законот за градежно земјиште за издавање на тие плажи со јавна лицитација и оглас на краткотраен закуп од една до пет години.

– Во однос на урбанистичкиот план за целото крајбрежје, тој се работи во Агенцијата за планирање на просторот, а она што го направивме за доброто на Охрид е обезбедивме 30 милиони денари за изработка на овој урбанистички план. Се изработуваат сите подлоги кои се потребни и Министерството ја предаде постапката во Агенцијата каде се изработува, но и се усогласува со УНЕСКО. Тоа е специфична планска документација која мора дополнително да се усогласи со УНЕСКО и доколку сметаме дека навистина треба да го зачуваме статусот со УНЕСКО таквите документации мора внимателно да се изработат и усогласат, рече Бочварски.

Општина Охрид објави 2 идејни решенија за уредување на плажите

едно од идејните решенија кои пристигнаа во 2021 година на Повикот за уредување на плажите

Градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков пред 20-тина дена порача дека охридските плажи на кои лани се уриваа дивоградби на барање на УНЕСКО ќе се уредуваат, но следната година. И оваа сезона ќе функционираат без концесионери, лежалки и шанкови бидејќи постапката е заглавена во институциите на системот.

За емисијата „Трилинг“ на Телевизија 24 во февруари годинава тој истакна дека беззаконието во Општина Охрид е веќе завршено и дека уредувањето на плажите ќе оди според планот за охридското крајбежје.

– Хаосот што со години се генерираше во Охрид сега веќе е ставен во една рамка и се функционира по точни и прецизни правила. Повеќе не мора да се грижиме по однос на урбаната мафија и дивеење, посочи Пецаков, кој неколку месеци претходно порача дека првично ќе се направи обид урбанистички да се решат плажите, за потоа да се издадат под концесии.

Тој додаде дека на Охрид како туристички центар му е потребно уредување на плажите. На кои места како и каде ќе има уредување на плажите, ќе одреди планот за охридското крајбежје.

– Охрид во догледно време ќе има уредени плажи, а во моментот кога тие документи или таа можност ќе стигне до нас. Од страна на Агенцијата за просторно планирање за добивање на документи за плажите во Охрид моментално не излегуваат во пресрет и не знам дали тоа е намерно или случајно, заклучи тогаш Пецаков.

Она што мора како град и заедница да го нагласиме и разјасниме е што воопшто ние подразбираме под уредени плажи. Дали ќе се оди по стариот терк и ќе се дозволи изградба на шанкови со гласна музика и лежалки на сите страни или ќе се надминеме себе си и на туристите ќе им понудиме современо уреден и функционален простор за користење. Потребна е сериозно осмислена законска рамка за тоа кој, како, колку и за која намена и со која надокнада може да го користи заедничкото добро.

Охрид е жив град и мора да се развива во чекор со новото време, но со прецизно дефинирани рамки што, каде и како може да се гради и уредува. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука