Ковачевски: Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и стопанствениците
Охрид, 8. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Иницијативата „Отворен Балкан“ е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој, ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот, истакна премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски на отворањето на самитот во Охрид.
Нè поврзува заедничка визија за напреден и безбеден регион, потенцира Ковачевски.
– Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат земјоделски производи или храна. Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Овој самит не носи уште понапред во нашата соработка. Во нашиот фокус се соработките, меѓусебните размени, отстранувањето на бариерите, доближувањето на нашите народи. Со взаемното признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните и другите овластени институции во трите земји, ќе ја забрзаме постапката за создавање единствен заеднички пазар на трудот. Недостатоците од работна сила најпрво ќе си ги надополнуваме меѓусебно, што е причина повеќе младите да ни бидат тука, да не ни бегаат по светот, рече Ковачевски.
Додаде дека од денес се отвора и ново поглавје во нашата соработка во туризмот, но и во културата.
– Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација. Имаме на светот да му ги понудиме дел од најубавите мориња на Медитеранот благодарение на богатството на Албанија. Планините и прочуениот селски туризам на Србија. Македонските езерски пејзажи и убавите зелени планини. Овие убавини ќе му ги понудиме на светот, но пред се ќе овозможиме нашите граѓани да ги уживаат преку најповолни услови. Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена. Очекувам да го зголемиме бројот на фестивалски настани во регионот, што ќе значи повеќе содржина за нашите граѓани и поголема атрактивност на регионот. Очекувам еден ЕГЗИТ да го видиме во Македонија и во Албанија. Очекувам седум-осминскиот македонски такт да се слуша се почесто и во Белград и во Тирана. Очекуваме што е можно повеќе Срби и Македонци да ја посетат Тирана, европската младинска престолнина за 2022 година, истакна Ковачевски.
Тој истакна дека политичка цел е јасна и единствена, Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме, додаде премиерот, потенцирајќи дека визијата за Балканот во 21 век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |