Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Брза лента на границите за туристичките автобуси во рамки на „Отворен Балкан“

Охрид, 9. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од Самитот „Отворен Балкан“ кој се одржа во Охрид, произлезе идејата за воспоставување на зелена линија за движење на патници и туристички автобуси во земјите кои се дел од иницијативата.

Организираните туристички автобуси ќе имаат можност за брз проток на граничните премини во земјите од „Отворен Балкан“, како и за организирани туристички посети кои доаѓаат од трети земји.

– Автобусите сега се задржуваат на граничните премини два до три часа што е навистина загубено време. Ова е проблем на речиси сите гранични прекини. Затоа и ја истакнуваме оваа иницијатива која ќе има значаен позитивен ефект. Туроператорите или туристичките агенции кои ги организираат патувањата ќе имаат обврска една недела пред патувањето да ги информираат граничните служби за личните податоци на патниците како име и презиме и бројот на патната исправа, појаснува претседателот на Туристичко-угостителската комора Аркан Керим.

Претставниците на Сојузот во рамките на самитот остварија средби со високите претставници на државните институции од другите земји како и со претставниците на стопанските комори на кои меѓу другото акцент се стави на големиот потенција за развој на туризмот.

– Нашата иницијатива беше одлично прифатена бидејќи сите се соочуваме со истиот проблем. Се договоривме заеднички да работиме на реализација на оваа идеја, секој во својата земја и до септември да се обидеме ова да го имплементираме во пракса, додава Керим.

За реализација на оваа иницијатива позитивно окружување создава и Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот, кој го потпишаа министери од нашата земја, Албанија и од Србија. Со овој документ се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука