ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид SOS: Од еден од објектите во изворите кај Свети Наум се разлева непозната материја во чистата вода (Фото)

Охрид, 15. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од Граѓанската иницијатива Охрид SOS објавија фотографии од еден од објектите кои се наоѓаат во изворите кај Свети Наум, од каде се разлева непозната материја во чистата вода.

– Веднаш побаравме да се спроведе итен инспекциски надзор од соодветните служби во Општина Охрид во објектите на островото, во изворите кај Свети Наум. Реакција упативме и до ЈУНП „Галичица“, со оглед дека „Острово“ е во строго заштитена зона на паркот. Имајќи предвид дека се работи за жариште на биолошка разновидност, побаравме преземање итни предострожни мерки и тоа – сите дејности да бидат веднаш запрени. Од Центарот за јавно здравје побаравме да земат примероци на водата од локацијата за испитување. Нè известија дека во текот на денешниов ден ќе го сторат тоа, потенцираат од Охрид SOS.

May be an image of tree and outdoors

Додаваат дека побарале резултатите од инспекцискиот надзор да бидат споделени јавно и веднаш преку медиумите да се информира и јавноста.

– Вакви лоши практики се провлекуваат со години а се чини како институциите да прогледуваат низ прсти или несоодветно ги санкционираат. Трпи живиот свет, трпат оние локалитети кои се најчисти и скоро нечепнати. Националниот парк треба многу подобро да се справува со овие девијации. За вистинска заштита треба да работат и Министерството за животна средина и други институции, додаваат од Охрид SOS. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: Охрид SOS

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука