Забава Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Кики Лесендриќ, Срѓан Марјановиќ, Владо Калембер, Златко Пејаковиќ, Ален Исламовиќ – само дел од ѕвездите на „Охрид фест 2022“

Охрид, 16. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во полн ек се подготовките за најновото, 29-то издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест“.

На 2-ри септември, на сцената на Долни Сарај во Охрид, во фолк вечерта ќе настапи домашната фолк елита, а свое шоу ќе има и популарниот пејач од Србија Мирослав Илиќ. Во рамки на втората фестивалска вечер, пак, на 3-ти септемри публиката ќе има можност да види и чуе многу атрактивни музички имиња од Балканот.

– Бастионот на убавата македонска песна „Охрид фест“, годинава ќе понуди одлична фолк и интернационална вечер, каде на 2-ри и 3-ти септември ќе настапат докажани музички имиња и, бидејќи ги охрабруваме новите музички сили, даваме можност дебитантите да ја започнат музичката кариера токму од Охрид, вели првиот човек на „Охрид фест“, Григор Копров.

Традиционално, водителите на фестивалот се Каролина Петковска – во фолк вечерта и Маријана Станојковска и Васил Зафирчев во интернационалната вечер, кога ќе настапат многу интересни имиња.

Од Србија доаѓаат Кики Лесендриќ и Срѓан Марјановиќ, од Хрватска- Владо Калембер, Златко Пејаковиќ, Теди Грубица и Јурица Паѓен („Аеродром“, „Азра“, „Парни ваљак“), од Босна доаѓа Ален Исламовиќ, од Словенија Божидар Волф, Инес Ербус & Давид Амаро, од Бугарија ќе го видиме дуото „Expose“, од Албанија Рина Рамадани и гостинот од Грција Толис Дамјанос.

Советот на фестивалот најавува уште многу изненадувања, а наградите за промоцијата на музиката на Балканот се доделуваат на Мирослав Илиќ, кој ќе има свој мини концерт во фолк вечерта и нашиот Гарабет Тавитјан, кој ќе го видиме во интернационалната вечер. (Крај)

извор: vesnik.com фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука