ВМРО-ДПМНЕ денеска на протест за промени во Скопје, Премногу е!
Охрид, 18. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска најавува масовен протест во Скопје со цел „обединување против владата“ и отворање на патот за предвремени избори. Од владејачката коалиција сметаат дека сега не е време за избори.
Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски најави во кој правец ќе се одвива делувањето на партијата во наредниот период. Порачувајќи дека овој роденден го одбележуваат во знакот на борбата за промени, тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа на стабилни патеки и заедно со народот повторно се крева.
– Овие 32 години се времиња поминати на постојана борба, жртва и работа за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија чиј код, своето постоење и своето делување го има посветено на постоењето и делувањето на Македонија. Таквата причинско последична состојба е папочната врвка која го прави ВМРО, сопатник низ времето со сите падови и подеми на нашата Македонија, рече Мицкоски во видео обраќање.
Тој повикува на масовен протест и „обединување против лошата власт која ги загорчува животите на илјадници луѓе“. Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените. Барањето за одржување на предвремени избори оваа еден е едно од главните барања на опозицијата веќе подолго време. Но, според нив, чашата ја прелеала инфлацијата, лошиот живот и лошата економија. Имајќи предвид дека за неколку месеци од сега нема да се живее подобро, од тој аспект најдобро решение се избори, на кои оваа Влада ќе биде срушена, децидни се од опозициската партија.
Вакви и слични пораки се очекува Мицкоски да испрати и вечерва од митингот во Скопје кој ќе започне во 20:00 часот.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид информираат дека е организиран превоз за нивните членови со тргнување од паркингот пред Општината, кај Унивезритетот „Св. Апостол Павле“ во 15:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |