Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

ОУ „Кочо Рацин“ Охрид доби светска награда за борбата против климатските промени

Охрид, 21. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охридското основно училиште „Кочо Рацин“ е меѓу четирити македонски училишта што се закити со светска награда како дел од 250-те училишта од целиот свет со ознака School of Excellence доделена од Cartoon Network Climate Champions и Проектот за климатска акција (Climate Action Project).

Само 250 училишта во светот го добија признанието за интензивна работа на полето на образованието поврзано со климатските промени.

Станува збор за иницијатива за издигање на свеста за климатските промени, чија цел е да ги инспирира децата да преземаат секојдневни предизвици што колективно можат да направат голема разлика за здравјето на нашата планета. Иницијативата е развиена во соработка со познатата глобална еколошка организација – Светски фонд за дивиот свет. Климатската акција е бесплатен образовен проект лансиран од „Тејк екшн глобал“, образовна непрофитна организација со седиште во САД, во која се вклучени 2,7 милиони наставници и студенти од 146 земји од светот. Целта на проектот е да им помогне на учениците да научат за климатската криза и за начините како да ги шират решенијата на интернет.

Покрај инволвираните наставници и ученици, строгите критериуми бараа и целото училиште да биде посветено на климатското образование, како што и се случи. Тимот составен од наставничките Виолета Петковска, Силвана Крстеска, Татјана Лошкоска, Габриела Неделкоска, Јованка Анѓелкоска, Билјана Марковиќ-Митков, Наташа Неданоска и Билјана Каланоска и нивните ученици екохерои беа несебично поддржани од целото училиште и успеаја да бидат препознаени меѓу 13.000 училишта од целиот свет и да ја освојат престижната ознака.

– Активностите се одвиваа во шест последователни недели, а секоја од наставничките ги спроведуваше во својот клас. Покрај учењето за дадената тема во реални ситуации, учениците имаа можност да развиваат и различни вештини, како истражување, размислување, изведување заклучоци, па понатаму презентирање на сознанијата со помош на најразновидни компјутерски алатки. Во рамките на првата недела од проектот, во зависност од возраста, учениците истражуваа и се запознаваа со причините и последиците од климатските промени како на глобално, така на локално ниво. Сознанијата беа искористени за активности во втората недела, односно учениците размислувајќи за штетните последици од глобалното затоплување презедоа низа активности за да се намали тоа. Садеа дрвца и цвеќе во училишниот двор и нивното непосредно опкружување, возеа велосипеди, испраќајќи порака за намалување на емисијата на штетни гасови, собираа пластични шишиња и друг отпад што може да се рециклира, предлагаа користење на сончевата енергија за затоплување.Третата недела беше особено интересна, бидејќи учениците имаа можност да се запознаат со нивни истомисленици од Мумбаи, Индија, преку платформата Зум. Притоа имаа можност да го презентираат сработеното, да чујат што сработиле другите, а и заеднички да продискутираат и да предложат решенија што тие би ги вовеле на микрониво, за да ги намалат ефектите на климатските промени.информира наставничката и ментор Виолета Петковска.

Сите членови на тимот од училиштето на овој проект се стекнаа со назнака за едукатор и, покрај училишниот сертификати за успешно завршен проект, сертификати за успешна работа добија едукаторите и учениците. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука