Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Со музичко поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри“ вечерва се отвора седмиот фестивал „Вдиши театар“

Охрид, 22. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – По две години пауза, поради Covid-19 пандемијата, вечерва ќе биде отворено седмото издание на Меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши Театар“, организиран од Црвен крст Охрид.

Со поинаков концепт во однос на претходните години, фестивалот ќе биде отворен со музичко поетскиот перформанс „Треба да бидеме подобри“ на волонтерите на охридската организација. Опфаќа избор на стихови од познати македонски автори како Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Блаже Конески, избор на македонска музика и кореографија на странска музика.

Во рамки на тридневната програма, низ сите претстави се провлекува нишката на хуманост со промоција на позитивни вредности, потенцира Весна Терзиоска од Црвен крст Охрид.

Нема достапен опис

– Перформансот е склоп на поезија и музика, прикажан е тешкиот пат на човекот. Низ очајот и рамнодушноста прикажани се сите падови и подеми на човековата борба да се излезе од таа рамнодушност, но и надеж дека сепак ќе имаме подобро утре. Дел од ликовите се западнатаи во лавиринтите на очајот и рамнодушноста, меѓутоа другите ги влечат напред, потенцира Терзиоска.

Ангел Карали и Адела Абаз се долгогодишни волонтери, а за првпат се дел од „Вдиши театар“, што за нив е едно ново, позитивно искуство.

– Вклопивме драмски текст од стихови од познати македонски автори. Мојот лик е рамнодушен и безнадежен, со изгубена смисла во живот, а околу него се трите добрини кои го убедуваат да стане и да прогледа, да го види доброто во светот, рече Карали.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

– Отсекогаш сум ја сакала сцената и затоа го прифатив предизвикот да сум дел од „Вдиши театар“, очекувањата ми се веќе надминати. Мојата улога е како повозрасна личност да им го раскажам на другите животот, дека може да имаме подобра иднина, да не ја заборавиме вистината и тоа им го кажувам не секој можен начин. Благодарение на волонтерството во Црвениот крст создадов многу пријателства, ова е место каде може да ги проширите вашите хоризонти и вештини и препорачувам да се вклучите кон нашето семејство, истакна Абаз.

Во рамки на нивниот перформанс вечерва ќе биде вклучен и Енес Беговски со својот инструмент hang drum. Тој е уличен свирач кој случајно присуствувал на една од пробите со идеја да даде придонес и да учествува, што било со задоволство прифатено

Отворањето на „Вдиши театар“ е од 21:00 часот, во предворјето на црквата „Св. Софија“.

Нема достапен опис

Утревечер од 18:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ е премиера на филмот „На прав пат“ во продукција на Црвен крст од Ужице, а од 21:00 часот во предворјето на „Св. Софија“ ќе биде прикажана претставата „Умри машки“ на волонтерите од Црвен крст Битола. В петок од 21:00 часот, повторно во предворјето ќе биде претставата „Чудо у шаргану“ на театарската група „Инет“ од Чајетина, Златибор, една од најпопуларните претстави на тие простори.

Влезот за сите настани ќе биде слободен, како подарок од Црвениот крст за охриѓани и гостите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука