ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ѓоргиев: Се’ што беше објавено за цар Самуил е апсолутно неточно, Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат ставени на спомен обележја

Скопје, 23. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Не сум го прочитал францускиот предлог и не знам што содржи, но се што беше објавено за работата на Комисијата и содржината на текстовите кои се усвоени за заедничко чествување на цар Самуил е апсолутно неточно, изјави копретседавачот во заедничката Македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев, во врска со францускиот предлог и билатералниот протокол во кој наводно се бара измени на историски личности од наша страна во учебниците.

– Апсолутно не е точно она што е наведено во некои медиуми со она што е усвоено од страна на самата Комисија за заедничко честување на цар Самуил. Исто така, Комисијата никогаш не усогласувала текстови за да бидат тие ставени на различни спомен обележја, споменици или тврдини. Комисијата усвојува заеднички текстови за заедничко чествување на одредени личности и тие личности се познати и веќе два текста од нив се објавени во јавноста и тоа е она што го има направено Комисијата, рече Ѓоргиев.

Тој напомена дека комисијата ниту дава дозвола да бидат тие објавени на различни спомен обележја, ниту е тоа работата на комисијата. Како што рече, текстовите на комисијата се за заедничко чествување а не за спомен обележја.

– Постои текст за заедничко чествување на цар Самуил кој е усвоен во 2019 година и вчера или завчера веќе беше објавен во дел од медиумите, а пред неколку месеци на една од средбите усвоен е и предлог препорака до владите како таа држава да биде претставена во учебниците по историја. Тие два текста немаат апсолутно ништо заедничко со она што е за жал објавено во некои медиуми и се пренесени во наши медиуми, без и малку критички да бидат анализирани, додаде Ѓоргиев.

Тој уште еднаш повтори дека работата на историската комисија не може да биде дел од процесот на политичките преговори. Тоа, како што рече, мора да биде паралелен процес и нема да биде органичен со рокови ниту врзуван со одредни императиви.

Бугарската новинска агенција БгНес неодамна објави дека во документот предложен од страна на францускиот претседател Емануел Макрон се предвидува историските личности за кои заедничката историска комисија веќе постигнала компромис да бидат објавени и прифатени за општи прослави со приложен календар за 2022 и 2023 година.

– Комисијата за последните четири години од својата работа констатирала договор за Св. Свети Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум и за Цар Самуил. Од нив, во записникот експлицитно е споменат само Цар Самуил, а предвидено е да се заменат натписите на неговите споменици во Македонија и конкретно на тврдината во Охрид, согласно формулата договорена од Мешовитата историска комисија. Предвидена е и непосредна измена на учебниците посветени на Цар Самуил во наставната програма за VII одделение на македонските училишта, согласно постигнатата компромисна формула, објави новинската агенција. (Крај)

извор: Алсат М фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука