Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

ССМ со протест пред МТСП за линеарно зголемување на платите

Скопје, 28. јуни 2022 (ОХРИДПРЕС) – Незадоволството од неисполнетото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска од 10:00 до 13:00 часот ќе го изрази пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) согласно одлуката на Штрајкувачкиот одбор.

Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протестни активности пред Владата и Собранието, а вчера наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.

-Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини Сојузот на синдикатите на Македонија продолжува и преку други форми на синдикален притисок, незадоволството да го изразува на улица, соопшти ССМ.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски синоќа во телевизиско гостување рече дека од опозициските партии им е ветено уште еднаш да биде поднесен амандман за корекција на ребелансот на Буџетот и дека идејата им била пред Собранието да постават столчиња колку што има членови во Комисијата, но седницата е одложена и ќе протестираат пред МТСП.

– Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1-ви мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Јавно ќе побараме од министерката Тренчевска да се заложи многу повеќе за она што ни го ветија на 1-ви мај, кога и таа беше присутна како дел од претставниците на Владата. Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1-ви јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас, рече Димовски. (Крај)

извор: Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука