
Зголемен број на лица со симптоми на SARS CoV-2: Доминантен сој е Омикрон, Охрид меѓу градовите каде е регистрирана новодетектираната BA.5 сублинија
Скопје/Охрид, 4. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во лабораторијата за вирусологија при Институтот за јавно здравје на Република Македонија (ИЈЗ) само во периодот од 11-ти до 17-ти јули 2022 година е изведено секвенционирање за детекција на варијанти на SARS CoV-2.
Изработени се вкупно 48 примероци од пунктови позитивни на SARS CoV-2 од Скопје, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Свети Николе, Охрид, Неготино, Кочани, Штип, Струмица, Струга и Тетово.
Кај 39 примероци (81,2%) е детектирана BA.5 сублинијата на Омикрон сојот, кај 6 примероци (12,5%) е детектирана BA.2 сублинијата, додека пак кај 3 примерока (6,3%) – BA.1 сублинијата на Омикрон. Новодетектираната BA.5 сублинија е забележана кај примероци од различни градови: Скопје, Струмица, Охрид, Штип, Неготино, Велес, Кавадарци, Тетово, Кочани и Гевгелија.
Според последните информации на Министерството за здравство на Република Македонија, во текот на последните 24 часа, направени се 1.238 тестови, при што се регистрирани 178 нови случаи на Covid-19, информираат од Министерството за здравство на Република Македонија. Од нив, пријавени се 10 новозаболени и 19 оздравени лица од Охрид. (Крај)
извор: Слободен печат/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |