
Средношколците ја спасија сезоната во Охрид, кој ќе ја спаси следната?
Охрид, 9. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – Средношколците ја спасија сезоната во Охрид. Деца се гости, деца ги послужуваат… Кој ќе ја спаси следната? Или уште подобро прашање, кој не ги направи подобри скоро сите претходни?
Во овие рамки се движат коментарите на охриѓани за проблемите со работната сила во сезоната која полека ја оставаме зад нас.
Големите фабрики кои се отворија во регионот на Охрид и Струга ја „собраа“ на едно место скоро целата расположлива работна сила. Нудат солидни плати и услови, што е причина голем број од работоспособното население, кое е на возраст во која треба да испорача највисоки работни резултати, да се одлучи токму за оваа опција за вработување. Кога на оваа бројка ќе се додаде и огромната бројка млади кои заминаа во странство годиниве наназад и таму ја побараа среќата, доаѓаме до фрапантни показатели.
Подолг период наназад, преполни се огласите по медиумите и социјалните мрежи со барања за лица за работа. Ако некогаш се бараше и соодветна стручна подготовка, сега тоа како да се става во втор план и се нудат брзи обуки за оспособување за конкретната работна активност, по што веднаш се започнува со работни обврски.
Оваа летна сезона забележително беше дека најмладите како да ја спасија туристичката сезона. Скоро и да нема кафе бар, ресторан, бутик или објект од било која дејност каде не работат средношколци, често на возраст од нешто над 15 години. Позитивно е што овие млади луѓе стекнуваат работни навики и ќе можат да им помогнат на родителите во семејниот буџет, но сепак, мора да се има во предвид и фактот дека доаѓа септември, кога тие треба да се вратат во училишните клупи, а ние како општество скоро и да не направивме ништо за да го решиме основниот проблем, а тоа е зошто младите заминуваат.
Нефункционалност на државата, неказнивост, концентрација на капиталот во мала група луѓе, нефункционирање на правото, длабока партизираност, огромна администрација… Ова се само дел од причините, кои, покрај ниските плати се наведуваат како главни за заминување од родниот град.
Соседите се веќе далеку пред нас, платите во дел од нив се скоро неколку пати повисоки, а токму тие ќе го соберат „кремот“ од целиот Балкан и најквалитетниот кадар. За очекување е токму иницијативата „Отворен Балкан“ и помоќните земји членки, Србија пред се’, да бидат адресата каде ќе пристигнуваат младите од регионот во потрага по подобро утре. Ова секако поради близината, малата јазична бариера и блискоска на двата народи. Тука секако е и Албанија, но во овој дел, најголемиот проблем секако би било помалото познавање на јазикот.
Во посебна анализа DW денеска објави дека македонските работници, во потрага по повисоки плати спасот се почесто го бараат во соседните земји. Ако летово Хрватска беше најпосакуваната дестинација за работа на македонските шанкери и келнери, веќе од септември се отвара нова можност на македонските работници. Околу 30.000 занаетчии, лекари, медицински сестри и техничари од Македонија и Албанија од септември ќе можат да побараат работа во Србија без дополнителни документи, работни визи и посебни дозволи.
Ваквата можност се отвара во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ со која граѓаните на Србија, Република Македонија и Албанија ќе можат да се вработат во овие земји со идентификациските броеви на „Отворен Балкан-ИД“ без дополнителни административни бариери. Платите во угостителството во Хрватска за време на сезоната достигнуваат и над 2.000 евра, поради што јадранската ривиера стана омилена дестинација за младите работници од регионот, а просечната плата во Србија е 631 евро.
Потрагата по подобро платени работи места, и големиот бран на иселувања од земјата носи опасност од голем недостиг на работна сила во Република Македонија. Во земјата во моментов има 7.265 слободни работни места, а најголем број се во преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало, во објекти за сместување и сервисни дејности со храна и во административни и помошни услужни дејности. Хигиеничарите, продавачите, општите работници и келнерите се најбараната работна сила во земјата. Охрид е речиси на врвот на листата на градови во кои недостигаат работници – по Скопје, Куманово и Тетово. (Крај)
извор: ОхридПрес/DW фото: ОхридПрес
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |