ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

На Голема Богородица, Марко ќе плива 64 километри на релација Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид (Видео)

Охрид, 19. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охридското пливачко чудо, младиот Марко Пејчиновски го најавува неговото десеттото и последно препливување за ова лето.

Во недела, на 28-ми август, за празникот Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица, тој ќе плива 64 километри на релација Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид, со што ќе го исполни ветувањето од почетокот на летото, кога најави 10 препливувања и околу 250 километри.

– После 186 километри во 9 препливувања, тука сум да го најавам моето последно препливување: Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид, или полни 64 километри. Пред 3 години, поради болка во ногата, го прекинав пливањето на оваа релација која остана мој неостварен предизвик. Тука сум, да си докажам колку сум подобрен, да си докажам дека можам да го остварам мојот сон и да ја исполнам мојата желба и празнината која остана. Ова, сакам да ве инспирира и ВАС, без разлика колку нешто изгледа тешко во животот, не значи дека е невозможно, без разлика какви се препреките кои ги имате на патот до успехот морате да продолжете и не смеете никогаш да се откажувате. Имајте своја цел, најдете свој мотив и остварете ја. Ова препливување ќе е на празникот Голема Богородица. Им благодарам на сите оние кои ме поддржаа, порача Марко во видео пораката објавена на неговиот официјален профил на Facebook.

Претходното, деветто препливување ова лето, беше на релација Градиште-Трпејца-Охрид, со должина од 20 километри. Пред тоа, Марко успешно ја преплива релација Заум-Охрид, на патека со должина од 18 километри. Една недела пред тоа, тој го оствари седмиот подвиг кога ја преплива релацијата Радожда-Трпејца-Градиште, само седум дена откако успешно ја преплива релацијата Струга-Градиште. Неодамна тој исплива 21 километри од Струга до Пештани, а претходно пливаше од Струга до Св. Наум. На 26-ти јуни 2022 година, тој успешно ја исплива релацијата од Радожда до Трпејца, со должина од 20 километри.

Во интервју за Супер радио и OhridPress, неодамна тој истакна дека на овој начин сака ги инспирира и мотивира сите спортисти од Македонија, бидејќи имаме потенцијал и талент што е време да се искористат.

Летната авантура Марко ја започна со препливувањето на 14 километри долгата патека од Радожда до Охрид. Според плановите, во текот на јули го очекуваат четири препливувања и уште три во август. Пред четири години тој го преплива езерото, кога со само 12 години стана најмладиот маратонец што ја испливал 30-километарската делница од Свети Наум до Охрид.

Во септември минатата година тој пливаше во знак на поддршка на Децата со ретки болести. Претходно, на 1-ви август 2021, тој направи уште еден подвиг, откако по 3 пат ја исплива делницата Охрид-Св. Наум-Охрид и подвигот го посвети на неговата мајка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ФБ Марко Пејчиновски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука