Охрид, 31. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со најавите дека охридската Гимназија „Св. Климент Охридски“ се приклучува на штрајкот на СОНК, новиот директор Звонко Трпески, преку допис до медиумите информира дека до овој момент до него не пристигнала ниту една лична изјава потпишана од барем еден професор вработен во оваа институција која согласно законот е обврска во случај на евентуален штрајк.
– Посочувам дека од претходно реализираните разговори со професорите е констатирано дека охридската гимназија нема да штрајкува. Од тие причини ги известувам учениците дека од понеделник втори февруари наставниот процес продолжува нормално според утврдениот распоред на часови. Наставата ќе се одвива без никаков прекин и потребно е сите ученици да дојдат на училиште, информира директорот Трпески.
Во текот на вчерашниот ден, преку допис до медиумите, вработените во Гимназијата информираа дека од понеделник, 2-ри февруари ќе се приклучат кон штрајкот на СОНК.
Ваква одлука донела синдикалната организација при ОСУ „Св. Климент Охридски“ на последниот состанок.
– За таа цел е формиран и штрајкувачки одбор кој до директорот достави известување со барање да се обезбедат соодветните услови за остварување на правото на штрајк на вработените, информираа вчера од синдикалната организација во ОСУ „Свети Климент Охридски“.
За збрката да биде уште поголема, по дописот на директорот Трпески, до медиумите попладнево стигна демант испратен од маилот на Синдикатот на Гимназијата.
Во него се напоменува дека одлуката за штрајк била донесена и за истото било доставено известување до директорот на училиштето, во тоа време на в.д. директорката Вера Јовческа. За состанокот на кој тоа е направено составен е и записник кој бил заведен во архивата на училиштето и кај штрајкувачкиот одбор.
– Законот за работните односи го регулира правото на штрајк во членовите 236 – 245 и во нив не е предвидено давање лични писмени изјави од страна на вработените кои имаат намера да учествуваат во штрајкот. Согласно член 236 став 5 штрајкувачкиот одбор го известува директорот за причините, местото, денот и времето на почеток на штрајкот. Со барањето лични изјави од вработените очигледно новиот директор ја злоупотребува својата функција и се обидува да врши притисок врз вработените. Противзаконско е работодавачот, во случајов директорот, да одлучува дали ќе има штрајк и да објавува дека ќе нема штрајк. Ова претставува груба повреда на правата од работен однос на вработените во училиштето. Само вработените одлучуваат дали ќе стапат во штрајк и повторно потенцираме, тоа го направија на состанокот одржан на 30-ти јануари 2015 година. Се друго е обид за манипулација на јавноста и вршење недозволен притисок кон оние кои одлучиле да го кренат гласот за заштита на своите права, стои во дописот.
Се додава дека за наведените злоупотреби ќе биде известен и централниот штрајкувачки одбор при СОНК и ќе биде побарана заштита на правата на вработените. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива