ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Охрид е горд на својот ХЕРОЈ: Марко исплива 64 километри на релација Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид (Фото/Видео)

Охрид, 28. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – Нешто после 09:30 часот, охридскиот пливачки херој Марко Пејчиновски успеа да го заврши своето десетто и најдолго препливување за ова лето долго неверојатни 64 километри на релација Охрид-Струга-Св. Наум-Охрид.

Тој го започна подвигот вчера во 11:56:31 часот, а со денешното препливување, Марко ќе го исполни ветувањето дадено на почетокот на летото, кога најави 10 препливувања и околу 250 испливани километри.

Бројни охриѓани го пречекаа на Градскот пристаниште, горди на својот Марко, кој подвигот го заврши за време од 21 часа 42 минути.

Хронологија на изминатите препливувања:

Претходното, деветто препливување ова лето, беше на релација Градиште-Трпејца-Охрид, со должина од 20 километри. Пред тоа, Марко успешно ја преплива релација Заум-Охрид, на патека со должина од 18 километри. Една недела пред тоа, тој го оствари седмиот подвиг кога ја преплива релацијата Радожда-Трпејца-Градиште, само седум дена откако успешно ја преплива релацијата Струга-Градиште. Неодамна тој исплива 21 километри од Струга до Пештани, а претходно пливаше од Струга до Св. Наум. На 26-ти јуни 2022 година, тој успешно ја исплива релацијата од Радожда до Трпејца, со должина од 20 километри.

Во интервју за Супер радио и OhridPress, неодамна тој истакна дека на овој начин сака ги инспирира и мотивира сите спортисти од Македонија, бидејќи имаме потенцијал и талент што е време да се искористат.

Летната авантура Марко ја започна со препливувањето на 14 километри долгата патека од Радожда до Охрид. Во јули се одржаа четири препливувања и уште три во август. Пред четири години тој го преплива езерото, кога со само 12 години стана најмладиот маратонец што ја испливал 30-километарската делница од Свети Наум до Охрид.

Во септември минатата година тој пливаше во знак на поддршка на Децата со ретки болести. Претходно, на 1-ви август 2021, тој направи уште еден подвиг, откако по 3 пат ја исплива делницата Охрид-Св. Наум-Охрид и подвигот го посвети на неговата мајка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука