Забава Избор

Мијата настапува во Италија, на Фестивалот на музички контролори во Саленто

Скопје, 30. август 2022 (ОХРИДПРЕС) – Наташа Мијатовиќ- Крстевска е дел од македонската музичка сцена дваесетина години. Паралелно со своето животно хоби, популарната Мијата ја негува и својата страст за летање. Поточно, за контролата на летање, што и е примарна професија.

Деновиве Мијата престојува во Италија, каде се одржува Фестивалот на музички контролори, на кој годинава настапува по втор пат.

Имено, станува збор за фестивалот на кој, како музичари ќе настапат контролори на летење од целиот свет.

– Фестивалот на музички контролори (Controllers’ Music Festival) традиционално се одржува по четврти пат, во делот на Италија наречен Саленто. На овој фестивал доаѓаат контролори на летање од различни делови на светот. Овие контролори, кои се и музичари, настапуваат со своите бендови. Секој бенд подготвува репертоар за настап од 40 минути. Годинава имаме 15 бендови, поделени на 4 фестивалски денови (31.08-03.09.2022 година), вели Мијата, и додава:

– Имав среќа да го отворам овој историски фестивал пред четири години. Сега ми е полесно и попознато. Оваа година мојот бенд се вика MIYATTA & The Control Freaks. Како вокал ме придружуваат Кире Мирчовски со акустична гитара и Александар Пешевски со гитара и хармоника. Подготвивме репертоар од 13 песни, од кои некои се оригинални, а некои кавери, но сите се спакувани во акустичен рок стил. Овогодинешниот настап е посебен бидејќи на него ќе се случи премиера на мојата најнова песна, насловена „Paid“.

Темата „Paid“ е авторското дело на самата Мијата (музика и текст), додека Дамир Пух ги потпишува аранжманот и продукцијата. Придружните вокали на снимката ги отпеа Наташа Миха. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука