Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Рустеми: Шеф ми е Али Ахмети, не е покрената кривична пријава за погрешното проектирање на автопатот Кичево-Охрид

Скопје/Охрид, 22. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во 2017 година е откриено дека проектираната траса е комплетно погрешена и затоа мора да започнат одново, со менување на трасата и ново планирање кое доведе до повеќе изгубено време, но и дополнителни финансии.

Ова го изјави синоќа за емисијата „Клик Плус“ на Тв 21 директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми за Тв21 и објасни дека договорот е доделен во 2014 година на кинеската компанија „Синоидро“.

На новинарското прашање дали некој треба да понесе одговорност, дали до сега е покрената некаква кривична пријава за лица или поединци одговорни за оваа грешка која ја чини државата и граѓаните сериозни пари, Рустеми рече дека не е покрената кривична пријава и додаде дека сега е фокусиран на реализација на обврските на државата за изменетата траса, експропријација на имотите, релокација на објектите и сл.

– Тоа се работи за утре да не дојдеме до ситуација да плаќаме пенали на компанијата која гради, рече тој.

За позицијата, што ја има моментално како директор на Јавното претпријатие „Државни патишта“, како шеф го имал Али Ахмети, лидерот на ДУИ, бидејќи тој и го именувал.

– Позицијата, што ја имам во овој момент, е од Али Ахмети. Во целина, како член на ДУИ, како шеф го имам лидерот на ДУИ Ахмети. Едновремено, институционално ги почитувам Владата, премиерот, министрите и другите, кажа Ејуп Рустеми.

Пред само една недела, тој изјави дека крајот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, според амандманите од важечкиот договор е до крајот на 2023 година.

– Можам да кажам дека се работи интензивно на целата траса од Кичево до Охрид и е воведена и втора смена. Значи, досега не се работеше толку интензивно на оваа делница, рече неодамна директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми. (Крај)

извор: Тв 21 фото: Тв 21

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука