ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Спорт ТОП ВЕСТИ

Премиерот Ковачевски му врачи стипендија на младиот охридски пливач Марко Пејчиновски

Скопје/Охрид, 28. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот Димитар Ковачевски денеска во својот кабинет го прими охридскиот пливачки херој Марко Пејчиновски, придружуван од директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Ковачевски срдечно му ги честиташе на Пејчиновски досегашните пливачки успеси и упати порака дека Владата преку Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи да ги поддржува младите успешни спортисти кои се силни промотори на спортска култура во државата.

Како знак на признание на Пејчиновски, кој и покрај ретката болест постигнува извонредни спортски резултати, премиерот Ковачевски на младиот пливач му ја врачи одлуката за стипендија во износ од 200.000 денари, средства обезбедени преку Националната федерација „Спорт за сите”.

Со ова на овој млад спортист му беше укажана почит и благодарност за неговиот личен пример на пожртвуваност и високи спортски успеси кои Пејчиновски ги посвети на подигнувањето на свеста за лицата со ретки болести.

Неговиот последен спортски успех кој предизвика восхит, е препливувањето на делницата од 64 километри на релација Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид.

На средбата беше разговарано и за идните спортски и професионални планови на младиот спортист и за заложбите на Владата за вложување во модерна, безбедна и пристапна спортска инфраструктура наменета за рекреативни и професионално спортување, со цел да го развиваме спортот согласно со светските стандарди.

Охрид е горд на својот ХЕРОЈ, кој покажа и докажа дека кога се сака, се може.

Хронологија на препливувањата на Марко:

Ова лето Марко успешно ја оствари најавената летна авантура, 10 препливувања во водите на Охридското езро со испливани 250 километри. Најдолгото препливување долго 64 километри беше десеттото, што го реализира на празникот Голема Богородица.Претходното, деветто препливување ова лето, беше на релација Градиште-Трпејца-Охрид, со должина од 20 километри. Пред тоа, Марко успешно ја преплива релација Заум-Охрид, на патека со должина од 18 километри. Една недела пред тоа, тој го оствари седмиот подвиг кога ја преплива релацијата Радожда-Трпејца-Градиште, само седум дена откако успешно ја преплива релацијата Струга-Градиште. Неодамна тој исплива 21 километри од Струга до Пештани, а претходно пливаше од Струга до Св. Наум. На 26-ти јуни 2022 година, тој успешно ја исплива релацијата од Радожда до Трпејца, со должина од 20 километри.

Во интервју за Супер радио и OhridPress, неодамна тој истакна дека на овој начин сака ги инспирира и мотивира сите спортисти од Македонија, бидејќи имаме потенцијал и талент што е време да се искористат.

Летната авантура Марко ја започна со препливувањето на 14 километри долгата патека од Радожда до Охрид. Во јули се одржаа четири препливувања и уште три во август. Пред четири години тој го преплива езерото, кога со само 12 години стана најмладиот маратонец што ја испливал 30-километарската делница од Свети Наум до Охрид.

Во септември минатата година тој пливаше во знак на поддршка на Децата со ретки болести. Претходно, на 1-ви август 2021, тој направи уште еден подвиг, откако по 3 пат ја исплива делницата Охрид-Св. Наум-Охрид и подвигот го посвети на неговата мајка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука