Економија Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

40 години Завод за кардиоваскуларни заболувања – Охрид

Охрид, 29. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања од Охрид во Катедралната црква „Св. Софија“ го одбележа значајниот јубилеј – 40 години постоење – раст и развој, во чекор со модерната кардиологија во светот, во служба на илјадници пациенти од целта земја.

Министерот за здравство во Владата на Република Македонија, д-р Беким Сали, кој присуствуваше на одбележувањето на јубилејот, истакна дека болницата е единствена ЈЗУ во која се врши дејноста кардиорехабилитација на пациенти после сите видови на кардиохируршки интервенции и после преболен миокарден инфарт лекуван конзервативно или со перкутани интервенции.

– Тука, на интервентна кардиологија, годишно, се вршат околу 2.000 дијагностички и интервентни процедури, од кои 170 интервенции на периферни артерии, 90 стентирања на каротидни артерии, 400 акутни инфаркти, како и 100 ендоваскуларни интервенции на периферни вени. Околу 2.500 пациенти годишно се третираат на интензивно лекување, посочи министерот Сали во своето обраќање во рамки на одбележувањето на овој јубилеј на болницата, потенцираше министерот Сали.

Директорката Елена Коваческа- Башуроска вели дека јубилејот е можност да направат ретроспектива од почетоците до денес со осврт на тоа каде се наоѓаат денес во кардиологијатата, во рамки на нашата држава.

– Овој jубилеј е значаен не само за нас како Институција, туку и за градот Охрид и за целиот регион. Големо е задоволството што на денот на одбележувањето на нашиот 40-годишен јубилеј почнуваме една нова деценија со нов ангиограф, којшто секако ќе го подобри квалитетот на здравствените услуги за нашите пациенти во делот на интервентна кардиологија, како и можноста за нови дијагностички тераписки процедури и секако, најважно од се`, намалување на листата на чекање на елективниот програм која што е долга, истакна директорката Коваческа- Башуроска.

Јубилејот, симболично, беше одбележан на Светскиот ден на срцето.

Во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања- Охрид, денеска беше инсталиран и пуштен во употреба нов и најсовремен ангиограф, вреден 30 милиони денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Министерство за здравство

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука