ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Отворен контроверзниот бугарски клуб „Цар Борис III“, проследен со протест, свирежи и извици

Охрид, 7. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со протест, свирење и скандирања, под силно полициско обезбедување и во присуство на бугарски политичари и бизнисмени отворен е контроверзниот бугарски клуб „Цар Борис III“ во Охрид.

Неколку дена, најавеното отворање предизвика реакции во јавноста, граѓаните децидни дека не се против отворањето на вакви клубови, но на изборот на имињата гледаат како на провокација.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

„Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“,„Со фашисти не се преговара“; „Фашизмот мора да падне“ беа само дел од транспарентите кои можеа да се забележат на протестот организиран од партијата Левица, добија поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, а се приклучија и други граѓани. Полициските службеници спречија инцидент кога група од демонстрантите се обиде да го пробие полицискиот кордон. Демонстрантите ја пееја македонската химна, скандираа „Фашисти, татари, предавници“ кон присутните гости на отворањето на клубот, а фрлаа и со јајца и камења кон канцеларијата на клубот. Од клубот пак кон насобраните граѓани возвраќаа на бугарски јазик и го вееја знамето на Цар Борис Трети.

Никаде не сме направиле нешто лошо против македонскиот народ или државата. Целта на клубот е промоција на културата на бугарскиот народ, на бугарите во Макеоднија, Бугарија и насекаде, истакна претседателот на Здружението „Цар Борис III“, Томе Блажевски.

– Нас прво нѝ е непријатно тоа што се прави, но како што гледате има една група граѓани, им се извинуваме ако нешто сме им згрешиле меѓутоа ништо лошо не сме направиле. Регистриравме едно здружение со закон уште во ноември лани, легално, сите докумети ги дадовме до Централниот регистар, до државата Република Македонија, со кое ги почитуваме сите закони и Уставот. Денес на отворањето имавме гости од амбасадата на Бугарија, двата конзулати од Скопје и Битола, бугарски бизнисмени, политичари од различни партии во Бугарија, македонските не дојдоа, додаде Блажевски.

Во однос на коментарите во јавноста дека со ова се оживуваат фашистичките идеи, тој рече дека немаат никакво фашистичко движење, тие се почитувачи на ликот и делото на Цар Борис III“.

Нема достапен опис

Нема достапен опис

– Ние кажавме дека немаме никакво фашистичко или неонацистичко движење. Ние се оградивме од тоа, доколку има во иднина може да нé суди државата. Ние го одбравме името на последниот цар на Бугарите, кој е важен исто и за нас, ние сме почитувачи на ликот и делото, меѓутоа се исполитизира целата работа околу здружението, истакна Блажевски.

Нема достапен опис

Советничката од редовите на Левица во охридскиот совет, Виолета Аврамоска, рече дека ја напуштила денешната седница за да присуствува на протестот, а се придружиле и нејзини колеги од ВМРО-ДПМНЕ. Потенцира дека немаат ништо против Бугарите, туку се против отворање на вакви друштва и клубови именувани по познати фашисти.

– Ние сме против отворање на вакви друштва и клубови именувани по познати фашисти, против сме глорификација и рехабилитација на фашизмот, овде сме да го вратиме згазеното достоинство на македонскиот народ и нација. Бевме испровоцирани но не бевме дојдени со намера да бидеме насилни, ние не сме анархисти, едноставно дојдовме да го искажеме својот револт и нашиот став, потенцира Аврамоска.

Сведоци сме дека ние не сме еден народ, да, ние сме наследници на АСНОМ и на антифашистичкото минато, додека бугарската официјална влада и денес ги култивира единствено фашистичките вредности, рече Јована Мојсоска, генерален секретар на Левица.

Нема достапен опис

– Сведоци сме како се вее знамето на Цар Борис, а нема никаква осуда од Владата на СДСМ и ДУИ, напротив вчера и отворено МНР на Бујар Османи директно застана на страна на промоција на фашизмот, побара да се почитува правото на изразување на сите граѓани дури и на оние кои негуваат фашистички вредности. Ова е скандалозно. Се случува директно од страна на една земја која е членка на ЕУ. Ние ќе се бориме и понатаму, вели Мојсоска.

Од Левица додадоа дека денес до Собранието на Република Македонија ја доставуваат иницијативата за референдум против пробугарскиот предлог, и очекуваат дека истата ќе помине, за да може како што велат, конечно народот да има шанса да се изјасни против сите уцени што доаѓаат од Бугарија.

Oтворањето на клубот во Охрид го осуди и Еврејската заедница во Македонија, која актот го нарече „повампирување на ликови од фашистичкиот период на Бугарија“.

Борис Трети, чие цело име е Борис Клемент Роберт Марија Пиj Станислав Сакскобургготски, станува „Цар на Бугарите“ на 3 октомври 1918 по абдикацијата на неговиот татко Фердинанд, по поразот на Бугарија во Првата балканска војна. Под водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира на 28-ми август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер. Него на престолот го наследува син му Симеон Втори, кој останува на чело на бугарската држава до септември 1946 година, а кој од јули 2001 до август 2005 година беше премиер на Бугарија, под името Симеон Сакскобургготски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука